Мразите да одите на стоматолог? Научниците тестираат лек за повторно растење на забите

Д-р Кацу Такахаши работи на лекот уште од студентските денови и е убеден дека доколку се покаже како ефикасен, може да го промени начинот на кој се грижиме за забите


Познато е колку е важно да се одржува оралната хигиена и здравјето на забите. Ова не само што гарантира убава насмевка, туку и спречува појава на некои други болести.

Но, се знае и дека штом ќе се појави шуплина на забот или ќе пукне, тоа е почеток на крајот. Нема „резервен“ заб кој може да порасне и да замени заболен или оштетен.

Сепак, група јапонски научници работи на развој на лек кој би го стимулирал растот на забите. Како што е објавено, клиничкото тестирање на потенцијалниот лек за повторно растење на забите треба да започне во јули 2024 година. Доколку лекот се покаже успешен на овие тестови, би можел да се најде на пазарот до 2030 година.

За време на тестирањето, научниците од Медицинскиот истражувачки институт во болницата Китано во Јапонија ќе се фокусираат на луѓето со анодонција, ретко генетско нарушување кое го спречува нормалното растење на млечните и на трајните заби. Научниците сакаат прво да го тестираат лекот на најмладите пациенти, но веруваат дека од него би можеле да имаат корист и возрасните, како што се луѓето кои имаат проблеми со пародонталната болест.

Д-р. Кацу Такахаши, шеф на стоматологија и орална хирургија во болницата, работи на развој на лекови од времето на неговите студентски денови. За време на неговото истражување, тој открил врска помеѓу специфичен ген (USAG-1) и ограничувањето на тоа колку заби растат кај глувците. Тие откриле дека има антитела кои можат безбедно да ја блокираат активноста на USAG-1 и да го стимулираат растот на забите. Следниот чекор е да се утврди дали истата хемиска реакција постои кај луѓето и дали може да се манипулира со неа.

Д-р. Такахаши истакнува дека главната предност на оваа техника е тоа што може да го стимулира создавањето и растот на трета група заби кај возрасните, на сосема природен начин, без употреба на матични клетки.

Лекот кој го блокира USAG-1 кај глувците се покажа како многу ефикасен и може да биде револуционерно откритие во лекувањето на забните аномалии кај луѓето, велат научниците.