Може ли земјите од регионот лиценцно да произведуваат вакцини против Ковид-19


Од Србија деновиве најавија дека таму е можно да се произведува руската вакцина „Спутник V“, во институтот за вирусологија, вакцини и серуми „Торлак“. Како стојат работите во Македонија?

 

Мирче Јовановски

Можат ли земјите од регионот да се вклучат во лиценцирано производство на некоја од вакцините против Ковид-19 кои до сега се развиени или чекаат на одобрување од здравствените власти во светот? Ваквото прашање се наметна откако се покажа дека главен проблем за масовна имунизација на населението, а со тоа и за спречување на ширење на корона вирусот, е недоволното производство на вакцини и заложбите на некои политичари тоа да се надмине со учество во процесот на производство на компании кои не биле дел од развојот на до сега познатите вакцини.

Според домашни фармацевтски експерти Македонија нема капацитет да се вклучи во една таква операција бидејќи ја нема ниту неопходната експертиза, ниту пак опрема. Дури и под претпоставка веднаш да се почне еден таков процес, за тоа би биле потребни години.

Прашање е колку и другите земји од регионот се подготвени за вакво нешто, иако од некои од нив има такви најави.

Од Србија деновиве најавија дека таму е можно да се произведува руската вакцина „Спутник V“, во нивниот национален институт за вирусологија, вакцини и серуми „Торлак“. Овој институт кој постои повеќе од 80 години има искуство во производство на вакцини, но сепак некои од тамошните експерти за српските медиуми отворено се посомневаа дека тоа е реално и за вакцина против ковид. Според епидемиологот Зоран Радовановиќ, главната причина е што изминатите години оваа институција останала без дел од кадарот, па дури и под услов тој кадар да се врати, евентуално би можела да се произведува кинеската вакцина, додека за руската и оксфордската ќе треба помош од страна. За новите технологии кои ги користи компанијата „Фајзер“ не станува ни збор, вели Радовановиќ за Н1.

Ниту технологија, ниту експертиза

Во однос на опремата, тука треба да се вложува разумно, бидејќи многу пари се потрошени залудно во последните 20 години, вели овој епидемиолог. Според него, во овој дел треба да се работи насочено и дека е најдобро да се донесат стручњаци од страна кои ќе укажат што е неопходно за да се постигне одредена цел.

Како е во Македонија? 

„За да се произведуваат вакцини потребна е технологија која е сосема различна од она што го имаат повеќето од компаниите во регионот“, велат во „Алкалоид“.

Во земјите од поранешна Југославија, покрај Торлак во Србија искуство во производство на вакцини има и Имунолошкиот завод во Хрватска.

На интернет страницата на „Торлак“ стои дека овој институт произведува БСЖ вакцина, вакцина против тетанус, против дифтерија, голема кашлица, а од вирусните против сезонски грип. Хрватскиот Имунолошки завод пак, според информациите од нивната интернет страница, произведува вакцини против морбили и рубела.

Регионалниот портал „Seenews“ во декември објави дека владата во Софија одлучила да го зголеми капиталот на државниот производител на вакцини „Бул био“ за 11,4 милиони евра со цел да финансира неколку инвестициски проекти.

„Бул био“ ќе ги искористи средствата за изградба на нова линија за производство на вакцини БЦЖ, реновирање на две лаборатории за производство на производи за крв од животинско потекло, како и за продолжување на производството на антитоксични серуми од крвната плазма на коњите, пренесе порталот.

„Идејата за лиценцно производство на вакцини против ковид е добра, но не е така лесно изводлива, затоа што е врзана со специфичен тип на технологија“, вели соговорник од фармацевтскиот бизнис за „Независен“.

Тој надежта повеќе ја гледа во компаниите кои се производители на вакцини, а ја немаат развиено оваа против ковид, а тие лиценцно да произведуваат вакви вакцини, како што пред некој ден се договорија француската фармацевтска компанија „Санофи“ и „Фајзер“.

„Според мене тоа е решение на проблемот со сегашниот недостиг на доволни количества вакцини против Ковид-19“, вели нашиот соговорник, кој додава дека нема теорија во овој вид производство да се вклучи некој кој не располага со соодветна технологија, искуство и ноу – хау.

„Ова е сосема специфичен асептички тип на производство со ноу-хау кое го имаат многу малку компании во светот“, вели тој.

Треба да се земе предвид и дека прв пат во историјата се развива вакцина за помалку од една година. До сега немало пократок процес од три години, бидејќи целата постапка е многу комплексна и непредвидлива.

„Санофи“ ќе ги произведува вакцините на „Фајзер“

Договор кој деновиве беше склучен помеѓу „Фајзер“ и компанијата „Санофи“ дојде откако француската компанија објави дека го стопира развојот на сопствена вакцина против Ковид-19. Како што јави Блумберг, „Санофи“ се согласи да произведе милиони дози на вакцина против корона вирусот на „Фајзер/БиоНтех“ „во невообичаена соработка за да ги забрза напорите за вакцинација“.

Францускиот производител ќе му даде пристап на „БиоНтех“ до производствен капацитет во Франкфурт, кој ќе започне да доставува дози ова лето, соопшти „Санофи“ во средата, појаснувајќи дека договорот предвидува да се произведат повеќе од 125 милиони дози на вакцината наменети за Европската унија. На ваков начин практично ќе се надомести загубата поради откажувањето од сопствени вакцина на „Санофи“, што се очекуваше до летото.

Пактот, како што пишува Блумберг, ги зголеми надежите дека повеќе фармацевтски гиганти ќе се насочат кон производство и дистрибуција на вакцините кои до сега се покажаа ефикасни.

„Санофи“ соопшти дека договорот не значи дека ќе престане да работи на развој на сопствена вакцина.

Друг голем производител на лекови, „Мерк“, исто така го напушти развојот на вакцина по лошите податоци од раното испитување и најверојатно ќе се насочи кон развој на лек против ковид.

Инаку, познавачите велат дека недостиг има и на други видови вакцини и тоа се чувствува последните години.

Според Светската здравствена организација околу 80 отсто од глобалната продажба на вакцини доаѓа од пет големи мултинационални корпорации кои се производ на разни спојувања и преземања на фармацевтски компании во последните децении. Овој податок што го посочува СЗО на нејзината интернет страница можеби најдобро ја отсликува сегашната состојба со вакцини, не само против Ковид-19 за што во светски рамки се води вистинска борба која земја ќе обезбеди доволни количини за своето население.

Додека одржуваат силен фокус на вакцините за пазарите на индустриски развиени земји, мултинационалните корпорации исто така ги продаваат своите производи во земјите во развој и пазарите во развој и учествуваат во глобалните иницијативи за здравјето. За да се натпреваруваат на овие пазари, мултинационалните корпорации честопати се користат со аутсорсинг и учествуваат во заеднички развојни активности и технолошки трансфери, се вели во информацијата на СЗО.

Притоа се додава дека во 1980-тите производителите од пазарите во појавување започнаа да влегуваат на пазарот на вакцини и оттогаш презедоа значајна улога и сега играат клучна улога во снабдувањето со вакцини, особено основните и некои комбинирани вакцини.

Ограничениот број на добавувачи на вакцини и производните капацитети доведува до сериозен дисбаланс помеѓу побарувачката и понудата на многу индивидуални пазари на вакцини, па неопходно е постојано управување и комуникација помеѓу актерите на пазарот за да се гарантира доволно снабдување со вакцини за секој купувач, укажува СЗО.

Како против вакцина национализмот

Тоа најдобро се гледа и сега, кога во светот постои трескавична трка кој ќе обезбеди вакцини против Ковид-19. Во таа борба најмногу страдаат сиромашните земји, иако целосно потфрлија и некои големи и богати блокови, како Европската унија.

Ваквиот „вакцина национализам“ беше повод некои познати политичари, како поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, да запрашаат дали вакцините се јавно добро или корпоративен производ, јасно ставајќи до знаење дека во оваа ситуација, каква што е денес во светот, нема место за себичност, туку е потребна солидарност.

Во средиштето се најдоа и големите фармацевтски компании кои се обвинуваат за манипулирање со испораката на количините вакцини. За фармацевтите овие обвинувања не се соодветни, затоа што, како што велат и самите производители би имале огромна корист доколку би можеле да пласираат неколкукратно повеќе вакцини од она што го прават сега. Проблемот тие го гледаат во непредвидливоста во развојот на вакцините или во доцнењето на некои од нив.

Така, на пример, во една од економските проекции направени минатата година од врвни тинк-тенк институции, се велеше дека во почетокот на годинава на пазарот ќе има четири до шест вакцини и дека проблем повеќе се очекуваше да биде транспортот на вакцините, особено на „Фајзер“ и „Модерна“ кои бараат специфични услови на транспорт и складирање до минус 70 Целзиусови степени.

Но, како што често се случува кога се развива некој производ, работите не одат според планираното: „АстраЗенека“ задоцни и има проблем со количествата вакцини, „Џонсон и Џонсон“ исто така доцни со вакцината, а станува збор за вакцина што ќе се прима во една а не во две дози како другите. На другата страна се руската вакцина и некои од кинеските, за кои на Запад има резерви во која фаза на развој се.

Од друга страна, многумина како да заборавија дека себичноста не е од сега и не е само во врска со вакцините. Слично однесување имаше и на почетокот на пандемијата кога многу држави ставија рампа на извозот на средства за дезинфекција, заштитни маски, респиратори… Дури се запленуваа авиони наменети со заштитна опрема за други земји.

И Македонија мина низ многу предизвици на почетокот на кризата, кога благодарејќи на домашните производители, пред сѐ на „Алкалоид“ не се почувствува недостиг на дезифициенси и други средства неопходни за болниците и за граѓаните. Иако, како што велат упатените, за да се постигне тоа беше потребна и умешност и знаење.

Дали по првиот шок со недоволното количество вакцини ќе се најде решение? Тоа, сепак, зависи големите играчи. За познавачите работата е јасна, па дури и релативно едноставна – потребно е да се види дата базата на сите производители на вакцини во светот, а потоа со посредство на политичките и деловните елити да се договори лиценцно производство кое во најбрз можен рок ќе овозможи количини кои се неопходни да се покријат потребите.