Може ли Русија да употреби хемиско оружје во Украина?
Владимир Путин го ракетираше Киев, го гранатираше Харков и бомбардираше породилиште во Мариупол во неговиот донкихотски и натопен со крв напор да ја „денацифицира“ Украина. Некои мислат дека наскоро може да прибегне кон полошо.
„Сите ние треба да внимаваме Русија евентуално да не употреби хемиско или биолошко оружје во Украина или да создаде операција користејќи лажен изговор“, предупреди Џен Псаки, портпаролка на Белата куќа, на 9-ти март. „Ќе ви дадам уште едно предвидување“, забележа Борис Џонсон, британскиот премиер, еден ден подоцна. „Нештата што ги слушате за хемиското оружје…се директно од нивната книга“.
Овие предупредувања дојдоа откако руското Министерство за надворешни работи ја обвини Украина дека работи со лаборатории за хемиско и биолошко оружје поддржани од Америка – најновото од многуте такви лажни наводи. На 21 декември Сергеј Шојгу, министерот за одбрана на Путин, предупреди дека 120 американски платеници се во регионот Донбас во источна Украина и дека таму биле доставени хемикалии „за да извршат провокации“. На 3-ти март Сергеј Лавров, рускиот министер за надворешни работи, тврдеше дека Пентагон е загрижен поради губењето на контролата врз хемиските и биолошките капацитети во Украина. Една недела подоцна, руското Министерство за одбрана соопшти дека лабораториите во Киев, Харков и Одеса истражуваат како да користат птици и лилјаци за ширење патогени.
Овие тврдења се бесмислици. Пентагон нема такви капацитети во Украина, иако американската влада обезбедува помош на земјата во заштитата на легитимните цивилни биолошки лаборатории. Нит,пак, Украина создава вооружени лилјаци. Руската влада и нејзината машинерија за дезинформации со години шират лажни тврдења за такви лаборатории во постсоветските земји, како што е Грузија. Дел од мотивацијата е да ги замати водите и да го одвлече вниманието од сопствената вмешаност со хемиското оружје.
Во 2013 година, сириската влада употреби гас сарин во областите под контрола на опозицијата во предградието Гута во Дамаск, при што загинаа над 1.400 луѓе. Саринот е еден вид нервен агенс: хемикалија која ги нарушува пораките испратени од нервите до другите делови на телото, предизвикувајќи парализа и губење на телесните функции. Повеќе од 300 други хемиски напади – главно со хлор, помалку софистицирана хемикалија користена во Првата светска војна – се случија за време на граѓанската војна во Сирија. Русија, која интервенираше за да го поддржи Башар ал Асад, сирискиот претседател, во 2015 година инсистираше на тоа дека тие напади биле или извршени од опозициски борци или „инсценирани“ од западно разузнавање, како што рече Лавров за еден инцидент.
Русија употреби и самата хемиско оружје. Во 2018 година, Единицата 29155, огранок на ГРУ, руската воена разузнавачка служба, го користеше Новичок, особено моќни нервни агенси развиени од Советскиот Сојуз, за да го отруе Сергеј Скрипал, поранешен офицер на ГРУ кој шпионираше за Велика Британија. Нападот врз Скрипал беше неуспешен, но човек од пибликата кој го зеде фрлениот Новичок подоцна почина. Потоа, во 2020 година, Алексеј Навални, руски опозициски политичар, беше отруен со Новичок, веројатно на лет за Москва. Навални, откако беше затворен, го предводи домашното противење на војната во Украина. Во самата Украина, Виктор Јушченко, прозападен поранешен претседател, беше отруен со диоксин, токсична хемикалија, за време на изборите во 2004 година.
Загрижува фактот што Кремљ ги засилува своите дезинформации околу хемиското оружје сега, додека руските напори да го опколи Киев пропаѓаат. На 9-ти март Стејт департментот рече дека руските предупредувања се „очигледен трик на Русија во обид да се оправдаат понатамошни неиспровоцирани и неоправдани напади врз Украина“. Многу западни функционери мислат дека Путин може да отиде дотаму што ќе употреби хемиско оружје и лажно ќе тврди дека Украина го сторила тоа. Целта би била или да се тероризира и потчини цивилното население, кое останува пркосно во градовите окупирани од Русија, или да се оправда воена ескалација, како што е посилното бомбардирање на урбаните области.
Како Русија би можела да го направи тоа, не е јасно. Хемиските оружја не се страшно ефикасни како воен инструмент. Тие се непредвидливи во нивните ефекти и скапи во споредба со другите оружја.
„ Модерното конвенционално оружје во просек е посмртоносно и порешително“, вели Ден Казета, поранешен член на хемискиот корпус на американската армија и автор на „Токсик: Историја на нервните агенси, од нацистичка Германија до Путинова Русија“. Има неколку примери каде хемиското оружје направи разлика во исходот на бојното поле, вели тој, и во повеќето случаи тоа влијаело и на трупите што го користеле, поради несреќи или промена на времето.
Оружјето е нелегално според Конвенцијата за хемиско оружје, на која Русија и се приклучи во 1997 година, иако во одредени објекти можат да се прават мали количини за истражување заради „заштитни“ цели. Програма од индустриски размери за производство на хемиски агенси и муниција за нивно носење не може да остане скриена.
„Некоја лабораторија може да направи шишенце или бокал од овој материјал, но тоа е многу далеку од опремувањето на артилериски баталјони“, вели г-дин Казета. Но, како што покажаа нападите врз Скрипал и Навални, руските лаборатории очигледно подготвуваат свои серии во ограничен обем.
Истрагата на Bellingcat, истражувачка група и други новински куќи во 2020 година откри докази дека Русија ја продолжила својата нелегална програма Новичок долго откако таа беше официјално затворена, со научниците тивко распространети низ „тајна“ програма за истражување и развој, а некои од нив маскирани како истражување за ефектите на органофосфатите, кои се користат за инсектициди и хербициди. „Економист“ има информации дека единицата 29155 на ГРУ останала тесно вклучена во овие програми и дека тие вклучуваат хемикалии различни од Новичок.
Ставот на Русија кон хемиското оружје е „однос во кој тие ја прифаќаат нивната употреба во војување“, вели Џефри Едмондс, кој ја надгледуваше руската политика во Советот за национална безбедност за време на администрацијата на Обама и сега е истражувач во CNA, тинк-тенк. „Влогот за Путин е егзистенцијален“, вели г-дин Едмондс, „и ако тоа е уште една алатка, тој ќе ја искористи“.
Хемиското оружје не е употребено на бојното поле во Европа откако Британија го употреби пред повеќе од еден век во 1919 година, иронично за време на руската граѓанска војна (наводите за нивна употреба во балканските војни остануваат недокажани). Доколку Путин повторно го премине тој праг, западните лидери би можеле да се соочат со поголем притисок да дејствуваат. Во 2018 година, Америка, Велика Британија и Франција започнаа воздушни напади врз Сирија како одговор на нејзината употреба на хемиско оружје, но таа опција денеска не е на маса. Америка и нејзините европски сојузници испратија огромно количество оружје во Украина, но ја отфрлија директната воена интервенција, како што е воспоставувањето зона на забранети летови, врз основа на тоа дека тоа ќе носи неприфатлив ризик од ескалација. Ова може да му го олесни на Путин подигањето на влоговите. (Економист)