Може ли министерката Божиновска да заработи кривична пријава од Бугарија?
Во националистичките кругови на Бугарија, кои ја одржуваат во живот сторијата за бугарскиот пасош и за бугарска самосвест на министерката Сања Божиновска, се шпекулира со можноста таа да заработи кривична пријава од страна на таможното јавно обвинителство – бидејќи сега тврди дека дала лажна изјава за потеклото – само за да добие пасош од Бугарија.
„Сања Божиновска е граѓанин како сите нас и може да биде обвинета од Јавното обвинителството на Бугарија ако има направено кривично дело против националниот устав. Не е важно што е министер на Република Северна Македонија. Ова е една од придобивките од тоа што сите Македонци се државјани на Бугарија – можете да бидете премиер на Република „Казахстан“ (Северна Македонија), но ако сте бугарски државјанин и сте го прекршиле бугарскиот закон – ќе ви биде поднесена кривична пријава и ќе ви биде одредена мерка притвор. Тоа јас го нарекувам обединување на институциите на двете држави. Сања Божиновска е жив доказ за бенефитот од давање државјанство на сите аспиранти Македонци, бидејќи тие се Бугари по потекло се додека се национално идентификувани како Бугари“, напиша вчера Виктор Стојанов од Фондацијата „Македонија“.
Практично помина времето кога со бугарски пасош се добиваа само привилегии (пристап до пазарот на недвижнини, пазарот за трговија, до работни дозволи и слично) и во последно време стигаат секакви закани.
Не е, сепак, првпат од Бугарија да стигнуваат закани за носителите на бугарските пасоши, а особено тие што јавно се оградуваат од дадените изјави, го потценуваат барањето пасош или се гласни македонски патриоти, како тој што го претепа Христијан Пендиков, според Софија бидејќи се декларирал како Бугарин. Иако може да се спори политичката тежина на Виктор Стојанов во Бугарија, неспорно е дека тој ги води главните пропагандни активности околу делењето бугарска помош во Македонија и во околните земји и со некои медиуми ја води кампањата против сите политички личности во Македонија кои имаат бугарски пасоши, а добиваат гласови на антибугарска реторика. Стана речиси сигурно дека за секој што ќе прозборува против Бугарија, тамошните служби ќе лиферуваат податоци (вклучувајќи ја и потпретседателката Илијана Јотова со пасошот на Сања Божиновска) за тие што изјавиле дека се Бугари и што имаат во Бугарија регистрирано компании, а тоа го негираат.
Случајот со Божиновска покажува дека таа полека станува заложник на Софија, бидејќи и покрај барањето да и се поништи бугарскиот пасош, односно да се откаже од државјанството, се уште постои изјавата што ја дала за бугарската самосвест, а која има не само политичка туку и правна тежина во Бугарија. Уште повеќе, впечаток е дека Софија намерно ја развлекува процедурата околу нејзиното бугарско државјанство, па прашање е што ќе се случи ако таа службено отпатува во Софија како македонски министер, а има обврски и пред бугарскиот закон. Како што едно време го држеа во шака Антонијо Милошоски и му вадеа повремено документи и изјави, така сега ја политички ја „санкционираат“ Божиновска, вадејќи и не само изјави туку и податоци од службите за нејзините активности во Бугарија.
Ова, на крајот на краиштата, ја ослабува позицијата на македонската влада , а особено на премиерот Христијан Мицкоски во намерата да бара нови отстапки од Бугарија, бидејќи досега покажа дека Сања Божиновска му е поважна од државата и не е подготвен да ја жртвува. Но, еден ден таа цена може да стане превисока.
Иако е јасно дека Мицкоски и Виктор Орбан засега се единствените кои активно навиваат Бојко Борисов да стане повторно премиер, без оглед дали тој ќе успее да формира влада или не, јасно е дека улогата на безбедносните служби е силна во Бугарија, а и на овие избори националистите (како Вазраждање) освоија многу гласови во земјата. Па, кога министерка на Македонија што направила кариера и пари со бугарски пасош сега изјавува пред медиуми дека лажно се декларирала поради економски причини,тоа го урива целиот концепт на бугарската политика кон Македонија која тврди дека над 100.000 граѓани се Бугари – бидејќи дале такви изјави во нивната држава. И, тоа многу ги фрустрира. На одредени политичари во Бугарија не им е во интерес градењето на добрососедски односи помеѓу двете држави и се подготвени да ги искористат сите сретства што им се на располагање за да ја злоупотребат ситуацијата. Така што, освен што нејзиниот бугарски пасош е силен шамар за патриотската агенда на ВМРО-ДПМНЕ, а кај нас отвора дилема дали Божиновска е достојна да ги брани интересите на Македонија, на неа и се врзани и рацете, бидејќи може да се соочи со разни уцени од Софија.
Бугарски БГНЕС, како што е познато, објави дека во октомври 2004 година Божиновска своерачно потпишала дека има бугарско потекло при апликацијата за бугарско државјанство. Бугарската агенција објави и документ за кој тврди дека е декларација потпишана од Божиновска. Тоа беше тема на собраниската седница вчера посветена на пратенички прашања на кои премиерот Христијан Мицкоски рече дека Божиновска е „поголема Македонка“ од сите во опозициските клупи, но откако се најде на политички отстрел од Софија, тоа може да сим го закачи на зид како изјава. (С.Ј.)