Москва за новите санкции од САД: Трамп ќе го дочека изгорена земја


САД воведоа нови санкции за енергетскиот сектор на Русија, со што цената на нафтата се зголеми на меѓународните пазари во петокот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги поздрави новите американски санкции против рускиот нафтен сектор и нејзината таканаречена флота на танкери во сенка.

За санкциите се огласи и официјална Москва: „Со одлуката за воведување нови санкции, САД му оставаат изгорена земја на новиот претседател Доналд Трамп“, соопшти руското МНР, а пренесува РИА Новости.

„Идниот претседател, кој нема право да ги укине овие санкции без одобрение од Конгресот, останува со изгорена земја – буквално и преносно“, се додава во соопштението.

Руското министерство наведува дека воведувањето нови ограничувања е обид да се предизвика барем одредена штета на руската економија, дури и ако тоа може да доведе до дестабилизација на светските пазари.

Министерството најави и одговор на овој американски потег, додавајќи дека „непријателските дејствија на Вашингтон ќе бидат земени предвид при развивањето на нашата надворешна економска стратегија“.