Москва тврди дека спречила обид за атентат на премиерот на Крим
Руската Федерална служба за безбедност во понеделникот соопшти дека уапсила Русин регрутиран од украинските специјални служби за да го убие кримскиот премиер Сергеј Аксјонов.
Уапсениот маж, за кој се вели дека е роден во 1988 година, поминал обука за разузнавачки и субверзивни активности, се вели во соопштението на руското контраразузнавање, цитирано од новинската агенција Интерфакс. Тој пристигнал на Крим во јуни и почнал да се подготвува за терористички напад врз службеното возило на Аксјонов. Но, атентаторот немал време да ја оствари намерата бидејќи бил приведен кога експлозивната направа била деактивирана“, известуваат од контраразузнавањето во Москва.
Тој е приведен по две обвиненија – обид за терористички акт и недозволено поседување експлозив, пренесува Интерфакс.
Аксјонов е административен шеф на Крим и претседател на Советот на министри на покраината. Покрај тоа, тој е член на раководството на партијата на Владимир Путин – Единствена Русија. Тој е на функцијата од анексијата на Крим кон Русија.
Христо Грозев: Украина може да го врати Крим пред Донбас
Христо Грозев: Украина може да го врати Крим пред Донбас
Русија го анектира полуостровот Крим од Украина во 2014 година по локално организиран референдум кој не беше меѓународно признат.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го поставува повлекувањето на Москва од сите окупирани украински територии, вклучувајќи го и Крим, како предуслов за започнување мировни преговори со Русија.