Монструм: Додека е ДУИ на власт случајот нема да се реши
Двајца сведоци за случајот „Монструм“ не беа спроведени во Кривичниот суд, а полицијата не го известила судот зошто не се спроведени, па рочиштето се одложи.
Ова предизвика револт кај родителите на убиените момчиња кои станаа и почнаа да викаат дека судството и полицијата се несериозни и случајот постојано се одолговлекува.
Горан Наќевски, татко на убиениот Александар, на судот рече дека додека ДУИ е на власт случајот нема да се реши и ќе се одложува со години.
– Ние ги знаеме функционерите на ДУИ, Сафет Незири, Бујар Османи, Невзат Бејта, Беким Незири, рече Наќевски.
За петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.