Монографијата за Кире Костов ја собра музичката елита во Скопје
Монографијата која се подготвуваше две години, го осветлува животниот пат и грандиозното дело на маестро Костов – низ фотографии, сведоштва и архивски материјали што сведочат за неговиот влог во македонската култура
Монографијата „Летај низ солзи мои, галебе мој тажен“ за легендарниот композитор, диригент и хитмејкер Кире Костов (1949-2023), насловена по неговиот голем хит кој го испеа Верица Ристевска, синоќа во „Дајмонд мол“ ја собра музичката елита од сите генерации и по некој лик од претходните влади на ВМРО-ДПМНЕ.
Книжарницата на „Литература.мк“ беше претесна да ги прими сите гости, пријатели, соработници и почитувачи на неговото дело. Верица Ристевска, која го испеа евергринот „Галебе“, беше меѓу гостите на промоцијата, како и Славе Димитров со синовите Дарко и Оливер, Зорица Поп-Панкова, Ѓокица Лукаревски, Елена Ристеска, Лидија Кочовска со родителите Невена и Панче, Александар Митевски, Љупчо Мирковски, Мартин Вучиќ, д-р Миодраг Врчаковски, Снешка Георгиевска, Елизабета Канчевска-Милевска, Викторија Васева-Димеска, д-р Драган Даниловски, Биљана Драгичевиќ Пројковска…
Костов е автор на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот, и на тристотини наслови кои ја обележаа македонската поп-музика, а некои од нив останаа евергрини како „Кога те нема“, „Твоите очи сине“, „Синот божји“, „Тајно моја“, „Кој да ти каже“,„Летај низ солзи мои, галебе мој тажен“… Во чест на Костов, на 11 ноември ќе се одржи и концерт во Националната опера и балет (НОБ). Режисер е Дејан Пројковски, ќе свири голем оркестар, а засега е договорено дека ќе пеат Каролина Гочева, Лидија Кочовска, Елена Ристеска, Ѓоко Танески, Драган Мијалковски и други.

