Монографијата за Динка содржи вонвременски парчиња уметност
Mонографското издание посветено на делата и творечкиот опус на Костадин Танчев – Динка со наслов „Костадин Танчев-Динка – Од слика и графика до нови медиуми“ содржи повеќе текстови од проф. д-р Владимир Величковски, проф. д-р Тони Васиќ, проф. Лазе Трипков, како и веќе објавени текстови од проф. д-р Кирил Темков и Конча Пирковска.
Монографијата, чија промоција се случи денеска во Даут пашиниот амам ја презентираше проф. д-р Владимир Величковски, историчар на уметност, додека свои обраќања имаа проф. д-р Кирил Темков и доц. проф. Лазе Трипков.
– Секој проект не ја раскажува само вистинската приказна за филмот, претставата или промоцијата, туку исто така ги одразува тогашното општествено расположение и човечкиот менталитет на тоа време воопшто. Оваа монографија ги содржи токму тие вонвременски парчиња уметност, кои сега можат да се погледнат на едно место. Динка, благодарение на својот методолошки пристап, талент и карактерна особина, ја стекнува својата слава, а бројните анегдоти поврзани со неговата педагошка работа, сопствени ставови и начинот на нивно интерпретирање го прават жива легенда. – изјави доц. д-р Лазе Трипков.
– Елементите на сликарската вештина кај Динка се првокласни – цртежот, бојата, структурата, атмосферата, нијансите, драматиката, соодносите меѓу компонентите… Неговата особеност е во афирмацијата на предметната определеност во вон предметната ликовност. Од неговите дела проговараат јасноста и јасновидоста. Кога ги гледаме неговите слики – ние ги посетуваме неговите предели, ги посакуваме неговите предмети, ги споделуваме неговите трепети или радости, мислиме слично со него и заедно проживуваме еден дел од животот. – изјави проф. д-р Кирил Темков.
– Костадин Танчев-Динка, не заборавајќи го уделот на претходниците, со своето дело ги постави основите на современиот графички дизајн, отворајќи им го патот на младите графички дизајнери за нови истражувања и предизвици кои ги носат новите материјални, технолошки и медиумски услови и потреби во оваа сфера. – рече проф. д-р Владимир Величковски.
Дел од творбите – прикажани во монографијата, ќе бидат изложени заедно со други дела од творечкиот опус на Костадин Танчев – Динка на изложба која ќе се одржи на 24 април, во Даут Пашин Амам, со почеток од 20:30 часот.