МОН демантира дека дигиталните учебници не се користат како што тврди ВМРО-ДПМНЕ


Министерството за образование и наука најостро ги демантира шпекулациите, неточностите и наводите изнесени од страна на ВМРО-ДПМНЕ во однос на електронските учебници, за кои од опозицијата рекоа дека пред избори се потпишал уште еден договор за набавка.

– Интерактивните дигитални учебници се составен дел од Концепцијата за основно образование и програмата за основно образование, поддржана од Владата и од меѓународните организации, кои што и активно го имаат подржано процесот. МОН во изминатите 2 години реновираше 100-тина основни училишта, истите ги опреми со ИКТ опрема и интернет поврзливост во секоја училница и за првпат во државата ги дигитализираше учебниците за 4, 5 и 6 одделение на сите наставни јазици. 58,000 ученици, како и нивните родители, секојдневно не само што ги користат истите активно, туку постигнуваат подобри резултати токму поради практичноста и квалитетот на истите – велат од МОН.

Потсетуваат дека во минатото беа фрлени десетици милиони евра за преводи на книги од светски автори кои што никој не ги чита и ден денес фаќаат прашина во подрумите на многу институции, како и за Кембриџ програмата, која, според нив, остави трајни негативни последици по младите генерации.

Изработката на интерактивни дигитални учебници ќе продолжи во следните 3 години до целосно спроведување на реформата во основното образование и тоа нема врска со дневна политика, туку е стратешка определба и е дел од системски процес, кој што не треба да се стави под ризик од ниедна одговорна власт. Заради тоа, рамковните спогодби се законска категорија, а ќе се платат само услуги што ќе се извршат по нивното извршување, додаваат од МОН.

Вчера пак, од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека „цели пет години ДУИ и СДСМ не успеваат да обезбедат учебници по странски јазици во основното образование. Но, откако набрзина ги променија сите програми за сите странски јазици, за сите одделенија во основното образование, ја поништија и последната набавка. Иако истата беше распишана уште во мај 2023 година, истата дури сега ја поништија, со образложение дека немале предвидено средства за таа намена“.

– Но затоаможеа да предвидат милионски суми за нови дигитални учебници. Да ја потсетиме јавноста за онаа набавка од 500.000 евра за дигитални учебници, кои никој не ги користеше. Сега повторно, на истата фирма ѝ се доделени фантастични 800.000 евра. Иако првиот пат беа изработени дигитални учебници за 4-то одделение, со новата набавка повторно на истата фирма и се доделуваат средства за дигитални учебници, повторно за 4-то одделение“, рече Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција.