Молотови коктели од проруска пропаганда, дезинформации и говор на омраза
Молотови пропагандни коктели со клетви, пцости и обвинувања за национално предавство се фрлаат врз политички партии и пратеници, со цел да се предизвика политички пожар
Пред неколку денови прочитав дека бил уапсен охриѓанец што подготвувал молотови коктели. Претходно, прочитав во вести дека биле уапсени лица заради фрлање молотов коктел на протестите против преговарачката рамка на ЕУ (т.н. „француски предлог“).
Интересна е историјата на пропагандниот израз „Молотов коктел“, именуван според познатиот рускиот политичар и пропагандист Вјачеслав Молотов. Молотов е историски запаметен и како потписник на советско-нацистичкиот пакт Рибентроп-Молотов од 1939, една од причините на советската инвазија врз Финска („Зимската војна“).
Молотовиот коктел како антитенковско и антипропагандно оружје Молотовиот коктел не е само прочуено антитенковско оружје во Зимската војна од 1939, во која неколку стотици илјади советски војници извршија инвазија врз Финска и го бомбардираа Хелсинки убивајќи стотици цивили. Молотовиот коктел е првично антипропагандно оружје насочено против пропагандистот Молотов (Молотов и Сталин биле соработници во советскиот Агитпроп уште од 1921 година). По меѓународната критика за неоправданата инвазија и бомбардирање на Финска во 1939, Молотов јавно пропагирал дека не станува збор за никакво бомбардирање, туку за фрлање хуманитарна помош на изгладнетото финско население?!
Финците на бесрамната воена пропаганда на Молотов одговориле со саркастично анти-пропагандно именување на авионските бомби како „Молотови корпи за храна“. Како благодарност за тоа што Молотов им фрлал „храна“ (убиствени бомби), Финците саркастично му се „заблагодариле“ со бесплатна пијачка – „Молотов коктел“ за советските тенкови, кој бил произведуван од финска фабрика за алкохолни пијалоци.
Интересно, тоа го признава и сегашната руска пропаганда: „Овие експлозивни шишиња беа исполнети со мешавина од етанол, катран и бензин и беа наречени ‘Молотови коктели’. Ова е пијалак што оди со храна, бидејќи бомбите што паѓаат во Финска се иронично наречени ‘кошеви за леб од Молотов’. Причината е изјавата на Молотов дека СССР пушта храна над Финска“.
Молотовиот коктел е дел од црниот хумор на Финците, кои првично успешно и херојски се спротиставувале на руската инвазија и пропаганда. Позната е пропагандната финска анегдота за реакцијата на некој војник кога ја видел многуилјадната советска армија како ја окупира неговата татковина: „Толку многу Совети. Каде ќе најдеме простор за да ги закопаме сите?“ Но, и покрај финскиот хероизам и црн хумор, и покрај стравотните загуби што успеале да им ги нанесат на окупаторите со употреба и на Молотови коктели (проценките одат и над 160 илјади мртви и исчезнати за 105 дена), Финците биле принудени да преговараат за мир со Молотов.
За време на советска зимска инвазија на Финска, Молотовиот коктел не е „коктел на Молотов“, туку „коктел за Молотов“, кој придонесува за уништување на илјадници руски тенкови, други возила и војници. Според некои проценки, во 105-дневната Руско-финска војна биле употребени околу 70 илјади молотови коктели, вклучително и „Супер Молотови коктели“ (со нитроглицерин).
Молотов, пак, си го присвојува Молотовиот коктел по 1941, откако нацистите го газат пактот за ненапаѓање со неговото име. По нацистичката инвазија врз Советска Русија, Молотов издава наредба за масовно фабричко производство на молотови коктели против нацистичките тенкови. Оттогаш, Молотовиот коктел станува и советско анти-тенковско, но и пропагандно оружје.
„Молотовиот коктел“ како оружје во војната во Украина Употребата на Молотовиот коктел како антитенковско и антипропагандно оружје против СССР и Русија има своја историја и по Зимската војна. На пример, некои хроничари укажуваат дека пред да биде задушено Унгарското востание во 1956, неколку стотини тенкови биле уништени со Молотови коктели.
Молотовиот коктел повторно доби на значење по руската инвазија на Украина, откако власта им препорача на жителите на окупираните подрачја да се спротистават со молотови коктели. И повторно беше нашироко користен не само како анти-тенковско, туку и како анти-пропагандно оружје против тврдењата на Кремљ. Москва пропагираше дека руските војници не разурнувале градови, туку биле пречекувани со цвеќиња. Првата дама на Украина Олена Зеленска се спротистави на ваквата руска пропаганда: „Додека пропагандистите од Кремљ се фалеа дека Украинците ќе ги пречекаат со цвеќиња како спасители, тие беа одбивани со молотови коктели“.
Молотови коктели се фрлани на полицијата и при антивоените протести во Москва, како и врз објекти на ФСБ (поранешното КГБ). Според рускиот „Инсајдер“, молотовите коктели не се користат само во Украина, туку и при диверзиите на „руските партизани“ кои се спротиставуваат на руската воена инвазија.
„Молотови (пропагандни) коктели“ во Софија и Скопје „Велат, еден договор е добар, кога и двете страни се незадоволни, но кога ќе се соочат со обвинувања за национално предавство и со молотови коктели, претпоставувам дека сме отаде таа логика“, укажа Ивајло Дичев во неговата колумна. Иако навидум имаат малку заедничко, обвинувањата за национално предавство и молотовите коктели следат иста пропагандна логика и може да се сведат на исто политичко-пропагандно „поило“. Како и молотовите коктели, и пропагандните коктели од дестабилизирачки дезинформации, антизападна пропаганда и „патриотски“ говор на омраза со жестоки обвинувања за национално предавство – ги имаат препознатливите мириси и вкусови на една добро позната источна империјалистичка кујна.
По падот на прозападната влада во Софија и протерувањето на 70 руски дипломати, сосема очекуван „таргет“ на „активни мерки“ на кујната во Кремљ беше прозападната влада во Скопје. Проруските дестабилизирачки наративи во Скопје последниве месеци беа лика и прилика на дестабилизирачките наративи од времето на политичките кризи од 2015-2018. Со тоа што, наместо „Украинско сценарио“, „Тиранска платформа“ и „кантонизација“ (читај „албанизација“ и „Голема Албанија“), сега се крева медиумско-политичка паника и се втерува страв за губење на македонскиот идентитет и јазик со „Бугарско сценарио“, „бугаризација“ и „Голема Бугарија“.
Молотови пропагандни коктели од дезинформации и говор на омраза се фрлаат кон државни институции. Намерно на протести се скандираат антиалбански слогани, со цел да се потпали меѓуетничка омраза. Молотови пропагандни коктели од дезинформации за македонскиот јазик се фрлаат врз претседателот, премиерот, министерот за внатрешни и за надворешни работи, со цел да се поттикне омраза и да се подрие довербата во главните државни институции. Молотови пропагандни коктели со клетви, пцости и обвинувања за национално предавство се фрлаат врз политички партии и пратеници, со цел да се предизвика политички пожар и да се дестабилизира балканското „буре барут“. Молотовите пропагандни коктели со дезинформации за преговарачката рамка (т.н. „Француски предлог“), проследени со актуелни палења на документот, имаат за цел дополнително подривање на довербата во ЕУ и „Западот“. Молотовите пропагандни коктели со дезинформации, и досега незапаметениот говор на омраза кон претставничката на ЕУ, имаа за цел да ја спинуваат и помрачат нејзината позитивна и проевропска порака на македонски јазик во собранието и на Твитер.
Како што укажа лидерот на ЛДП, на кој беа фрлани „молотови пропагандни коктели“ за време на собраниската расправа, „Собранието стана заложник на екстремистичката пропагандна политика на проруска партија, која застапува интереси на државата Русија и чии високи претставници се чести гости на прослави во Москва“. Молотовите пропагандни коктели од досега незапамтен говор на омраза кон Бугарија, Бугарите и се што е бугарско намерно се фрлаа за да „изгори“ можноста за надминување на бугарското вето, кое најмногу ѝ одговараше на Москва и нејзините интереси на Балканот.
Обиди за кревање идентитетска паника на проруски милитантни портали Не е никаква тајна дека главен двигател за политичка мобилизација на двете најголеми проруски партии во Македонија (ВМРО-ДПМНЕ и Левица) е нивното сознание дека мнозинството нивни членови ја претпочитаат илузорната Евроазиска економска унија, како алтернатива на ЕУ. Според едно истражување за крајот на 2021, 56% од членовите на ВМРО-ДПМНЕ и 75% од членовите на Левица, би поддржале членство во Евроазиската унија, предводена од Русија, како алтернатива за членството во ЕУ. Идеолозите на Левица почнаа дури отворено да агитираат дека ЕУ нема да постои во оваа форма до 2025, и дека „Русија ќе контролира голем дел од Источна Европа, ако не и Балканот“.
На порталите на кои доминира руска милитантна пропаганда, најжестоки се обидите за кревање паника за загрозеност на македонскиот идентитет и јазик, како и нападите за „национално предавство“ проследени со говор кој поттикнува омраза (и наплив од коментари кои повикуваат на насилство). На социјалните мрежи е посебно забележително агитирачко фрлање молотови пропагандни коктели од страна проруската армија партиски тролови, препознатливи по антизападните наративи „од името на народот“. Целта на ваквата армија на проруски тролови (кои се појавија како печурки по рускиот дожд кој ја поплави владата во Софија), е да предизвикуваат хаос, недоверба, и тотална дезориентираност кај нивната „таргет“ публика – луѓето кои беа оправдано разочарани од антизападното бугарско вето (поткрепено со „проруски“ наративи) и од антиевропската политика на Бугарија кон Македонија.
Дали прозападната влада во Скопје ќе успее да ги преживее „молотовите (пропагандни) коктели“ од дестабилизирачки дезинформации и „патриотски“ говор на омраза кој жигосува „предавници“ и поттикнува на вербално и физичко насилство?
Одговорот на ова прашање зависи од стекнатиот општествен и институционален имунитет од штетно пропагандно влијание кое настојува да ја дестабилизира и дезориентира Македонија како европска земја која споделува западни вредности.
Од државата најмногу зависи дали ќе се одбрани кога е нападната од молотови и пропагандни коктели со дестабилизирачки дезинформации и говор на омраза.
(Жарко Трајаноски е истражувач во Институт за медиуми и аналитика ИМА)