„Моја цел е Северна Македонија да оди напред“: Порака од новиот амбасадор на ЕУ, Михалис Рокас
Амбасадорот на ЕУ ги предаде акредитивните писма на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот шеф на Делегацијата на Европската унија, амбасадорот Михалис Рокас.
Дипломатот од кариера на ЕУ, Рокас (које Грк) по предавањето на писмата рече: Би сакал да Ве уверам дека моја цел е да ѝ помогнам на Северна Македонија да оди напред и да направи видливи чекори на патот кон заедничката определба за членство во Унијата“.
Во поздравното обраќање на церемонијата на предавање на акредитивните писма, претседателката порача дека и по повеќе од три децении од нашето осамостојување, стремежот за полноправно членство во Европската унија продолжува да биде важен општествен двигател и значаен фактор на кохезија за огромното мнозинство македонски граѓани.
„Приклучувањето кон Европската Унија претставува наша цврста стратешка определба и генерациска цел за чие остварување макотрпно работеле и продолжуваат да работат десетици наши државни лидери, политички претставници, членови на граѓанскиот сектор, академски и научни работници, стопанственици, новинари и уште многу повеќе наши дипломати и државни службеници“, истакна во обраќањето Сиљановска-Давкова.
Таа изрази уверување дека со поддршка од ЕУ, земјава може да напредува и во оваа последна фаза на нашиот пат кон целосна европска интеграција, со забрзано темпо и без никакви пречки.
„Низ годините, донесовме храбри и многу тешки одлуки во интерес на иднината на нашите граѓани и на државата. Направивме многу за да се доближиме до потребните европски стандарди, да преземеме значаен дел од законодавството на ЕУ и да изградиме ефикасни административни и правосудни капацитети. Притоа, останавме докажан партнер од доверба за Унијата, како од аспект на реформите, така и преку нашиот придонес во справувањето со многуте заеднички предизвици“, истакна претседателката во поздравното обраќање.
Претседателката истакна дека фондовите и макрофинансиската поддршка на ЕУ беа и остануваат важен поттик за развој, трансформација и реформи.
Михалис Рокас при предавање на акредитивните писма ја цитираше изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен: „Проширувањето е инвестиција во нашата колективна сила и безбедност. Сакаме силна, конкурентна и безбедна Европа, а тоа го вклучува и Западен Балкан, како и Украина и Молдaвија во нашата Европска унија“, потенцирајќи дека ова е доказ дека проширувањето повторно ќе стане главен приоритет и дека треба да се забрза за време на нејзиниот мандат.
Амбасадорот Рокас посочи и на неодамнешната одлука на Советот и на Европскиот парламент да го финансира Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан.
„Тоа покажува дека ЕУ вложува средства сразмерно на нивото на нашите амбиции. Подготвени сме да ја придружуваме Вашата земја, новата Влада, институциите и граѓанското општество на патот кон натамошна европска интеграција. Би сакал да Ве уверам дека моја цел е да и помогнам на Северна Македонија да оди напред и да направи видливи чекори на патот кон оваа заедничка определба за членство во Унијата“, истакна амбасадорот Рокас.
„Подготвени сме за отворен дијалог, да слушаме, да советуваме и заедно да изнаоѓаме решенија. Очекувам да соработувам со Вас, со парламентот, со Владата и со сите други чинители на граѓанското општество“, порача при предавање на акредитивите амбасадорот Рокас.