„Моја бесмртна љубов“ – нова концертна сезона на Филхармонија
Новата концертна сезона (2019-2020) на Филхармонија е насловена „Моја бесмртна љубов“. И оваа концертна сезона на публиката ќе ѝ понуди фантастичен избор на солисти и диригенти, како и софистицирана и деликатно избрана програма која ќе го презентира диверизитетот на класичната музика преку различни естетики и стилови.
-Насловот алудира на писмата кои Лудвиг ван Бетовен ги адресирал на неговата мистериозна „бесмртна љубов“, кои и денеска се пример за деликатно и емотивно обраќање кон љубената. Со оваа посвета на Бетовен, која нема да биде одбележана само со насловот на сезоната, туку и преку изведба на негови дела, Филхармонија се вклучува во одбележувањето на 200 годишнината од раѓањето на овој германски композитор која ќе се прославува насекаде во светот во 2020 година , истакна на денешната прес-конференција Виктор Илиески, директор на Филхармонија.
И Филхармонија прославува значаен јубилеј – 75 години од формирањето.
– По повод овој значаен јубилеј нашата институција подготви роденденски концерт кој ќе се одржи на 21 ноември. На роденденскиот концерт ќе присуствуваат министрите кои ќе учествуваат на Самитот на земји од Централна и Југосточна Европа и Кина „16+1“ кој тогаш ќе се одржува во Скопје, истакна Илиески.
Сезоната на Филхармонија се отвора на 26 септември со концерт на кој ќе биде изведена музичката поема „Така зборуваше Заратустра“, антологиско дело на Рихард Штраус. Како солист ќе настапи врвниот руски пијанист Александар Мелников.
Во новата концертна сезона ќе настапи и влијателниот француски контрабасист Рено Гарсија Фонс, сопранистките Маша Бругергросман и Софи Горделадзе (Романија), германско-францускиот виолончелист Николас Алтштед, израелскиот виолинист Вадим Глузман кој редовно настапува со симфониски оркестри како Берлинска филхармонија, Чикаго симфони, Лондонскиот симфониски оркестар и со врвни диригенти.
Составен дел и од оваа сезона се традиционалните концерти – „Новогодишниот гала концерт“ и „Љубовниот концерт“ на 14 февруари, “, како и „Звукот на идната генерација“ и „Младите доаѓаат“ на кои настапуваат учениците и студентите од државните училишта. Тука се и двата настапи во Градскиот парк со кој Филхармонија секоја година ја заокружува концертната агенда.
Програмата во вака масивна и екслузивна форма немаше да се реализира без целосната финансиска подршка од Министерството за култура на Р. Северна Македонија.
Онлајн продажба на билети на веб страната
Од оваа сезона, публиката за првпат ќе може да купи билет за концертите на Филхармонија, директно на веб страницата на институцијата.
Со оваа можност на публиката ќе ѝ биде олесното купувањето на картите, а со тоа и подостапна ќе ѝ стане концертната понуда на нашата институција.
Доколку се купуваат индивидуално блок- билетите ќе чинат 13.000 денари, во редовна продажба се 10.000 денари, а до 15 септември публиката ќе може да ги купи промотивно по цена од 9.000 денари.