Модната аукција ја собра елитата – еве чија тоалета донесе најмногу пари за добротворни цели
Дел од дизајнерската елита од Македонија, синоќа, заедно со дипломати и личности од јавниот живот , присуствуваше на добротворната аукција на Конект: „Fashion with a Cause“, со која финишираше едноделната програма на 31. Моден викенд Скопје, чиј творец е Света Богова- Јовановска. Се славеше македонската мода и филантропија.

Во рамките на овој уникатен настан, 23 ѕвезди на македонскиот моден дизајн, уметност, јувелирство и занаети, како и нови надежи, ја прифатија поканата на Конект да бидат дел од кампањата „Денови за донирање“ и донираа вистинска ризница на креации.

Ова беше третата по ред добротворна модна аукција што Конект ја организира во соработка со Моден викенд Скопје. Благодарение на солидарноста и великодушноста на учесниците, беа собрани 200.500 денари, при што највисокиот продаден лот беше црна тоалета од брендот Терзија (18.000 денари).

Средствата се наменети за поддршка на граѓански организации преку првиот филантропски фонд во земјава, кои со својата работа ги менуваат животите на нашите сограѓани на подобро.

Оваа добротворна модна аукција ја поддржа Амбасада на Франција во Скопје.
Поддржувачи на настанот и на Модниот викенд се и: Министерството за култура на Република Северна Македонија, УНИ Банка , Diamond of Skopje – Carat, и бројни спонзори. (Л.С.)
Фото: Горан Бошковски






