Компанијата „Салцбург чоколадо“, позната по производство на „Моцарт куглa“, поднела до судот барање за стечај. Поради овој неочекуван потег, синдикалците заедно со работниците и менаџментот планираат да разговараат за ситуацијата и да ги информираат вработените.

Иако изминатите години, компанијата бележи добивка, минатата година од пандемијата била тешко погодена.Поради намалениот број на туристи, манифестации и прослави дошло до пад на продажбата на чоколадите, а со тоа и на познатите „Моцарт кугли“.Падот на заработката малку бил компензиран во новата работна година, но недоволно за да се покрие огромната загуба.

-Актуелниот локдаун и значителниот раст на цените на суровините, енергијата, платите, логистичките трошоци, материјали за пакувањето се само дел од причините, вели директорот Кристијан Шигерл додавајќи дека компанијата на вработените не може да им ги исплати ноемвриските плати, ниту божиќниот додаток.

Компанијата е основана во 1897 година под името „Рајсигл фабрика за слатки“ во Салцбург, а потоа е преселена во 1956 година во Гредиг.