Мобилната болница се демонтира, а во неа не влезе ниту еден пациент (галерија)


Фото: Б. Грданоски - демонтирање на мобилна болница
Ниту еден пациент заболен од корона-вирус не беше сместен во изминативе два месеци во мобилната болница, која Армијата ја постави во кругот на Клиничкиот центар во Скопје, а таа веќе се демонтира.
Од фотографиите кои ги направи нашиот фотограф Борис Грданоски, се гледа дека војниците денеска демонтираа дел од шаторите, донација од Норвешка, поставени во дворот на клиниката, а кои имаа за цел да примат уште 130 дополнителни пациенти заболени од Ковид-19, доколку за тоа имаше потреба.
Фото: Б. Грданоски – демонтирање на мобилна болница
Сепак, со оглед на тоа што бројот на заразени дневно не беше многу голем, а дел од пациентите се лекуваа дома, од капацитетите на оваа мобилна болница немаше потреба.
Таа беше поставена кон крајот на март, со капацитет од 130 пациенти и беше поврзана со сув ходник со Инфективната клиника.
Министерот за здравство Венко Филипче, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов ја посетија болницата на почетокот на април и сите изразија желба таа да не ни затреба.
„Ова е место кое одлучивме дека е најдобро да биде место каде ќе има доволен број кревети, многу поголем од сега актуелниот, заради тоа што тука е центарот на експертизата, специјалистите по инфективна медицина, медицинските сестри, вклучително и резервниот тим од другите клиники кој ротира како поддршка на клиниката и на вработените кои имаат соодветен распоред на работа“, рече Филипче, а за поставување на болницата претходно беа отстранети бараките од нефункционалниот студентски дом „Невена Георгиева Дуња“ или популарно „Медицинар“.
Мобилната болница како и целокупната опрема во неа се донација на Норвешка.(Б.Б.)