МНТ со „Галеб“ на фестивал во Бугарија
Македонскиот народен театар со претставата „Галеб“ од А.П. Чехов, во режија на Нина Николиќ, ќе гостува на 27. издание на Интернационалниот театарски фестивал „Варненско лето“ во Варна на 11 јуни и на 13. издание на платформата „Светскиот театар во Софија“ на 13 јуни во Софија, Бугарија.
Гостувањето на македонската претстава се реализира на покана на фондацијата „Виа Фест“, која ги организира овие два значајни театарски фестивала со цел во својата земја да ги презентира најистакнатите и најиновативните театарски претстави и уметници од странство.
Во бугарските медиуми претставата „Галеб“ веќе е најавена како „ново читање на класичното дело од страна на младата режисерка Нина Николиќ, кој е впечатлив со својата оригиналност и современа визија“. Претставата ќе биде одиграна на сцената „Филијал“ во театарот „Стојан Бачваров“ во Варна и во Младинскиот театар „Николај Бинев“ во Софија.
Фестивалот „Варненско лето“ е еден од најзначајните театарски настани во Бугарија. Годинава се одржува од 1 до 14 јуни во Варна на брегот на Црно Море, а секоја година привлекува околу 10 илјади посетители. Во програмата на платформата „Светскиот театар во Софија“, покрај „Галеб“ на МНТ, од 2 до 13 јуни гостуваат и театри од Италија, Белгија, Русија, Франција и Грција.
Во претставата„Галеб“ играат актерите Звездана Ангеловска, Никола Ристановски, Петре Арсовски, Емил Рубен, Благој Веселинов, Дарја Ризова, Дамјан Цветановски, Сашка Димитровска, Тина Трпкоска, Славиша Кајевски и Аксел Мехмед.
Премиерата на „Галеб“ на сцената на Македонскиот народен театар се одржа на 18 декември 2018 година. Драматург е Драгана Лукан Николоски, додека во визуелното и звучното обликување на претставата учествуваа и сценографот Вишња Вујовиќ од Србија, костимографот Ивана Каранфиловска – Угуровска, дизајнерот на светло Крис Јегер од Велика Британија и кореографот Димитрис Сотириу од Грција. Композитор на главната музичка тема во претставата е македонскиот виртуоз на гитарата Влатко Стефановски.
Фото: Б. Грданоски