МНТ доби 234 илјади евра за богатата програма и санација на објектот


Околу 234 илјади евра (14.473.499 денари) доби МНТ од Министерството за култура и туризам за реализација на годишната програма.Во однос на минатата година, буџетот за МНТ е зголемен за 56 проценти, соопшти денеска на прес-конференција директорот Никола Кимовски. Од лани, Министерството доделува делегиран буџет на повеќе национални установи.

МНТ со зголемен буџет и со нов театарски бран: Премиери, меѓународни гостувања и отворена сцена за млади

Покрај премиери, копродукции, гостувања и отвореност за младите актери и независната сцена, со фокус кон зајакнување на малата сцена и патувачкиот театар, во оваа година МНТ доби и повеќе средства за санација на објектот.

Техничкиот директор на МНТ Гунтер Кубе на прес-конференцијата рече дека оваа година е драстично зголемен буџетот со што ќе се решаваат долгогодишните проблеми на МНТ – ќе се санираат левото и десното фоаје оштетени од прокиснувањето од терасите на објектот. 

-Годинава треба да се доврши северната тераса што  ја почнавме минатата година. Вторпат, меѓутоа овој пат многу посериозно, со изготвен проект бидејќи наидовме на многу кочници од градежната фела од која очекувавме поинаку да се постави кон задачите што ги добива и за кои имаме договори. Планот е таа тераса да се заврши до крајот на јуни, а во меѓувреме се планира и отпочнување на јужната тераса, која е исто така оштетена уште од примопредавањето на објектот. Но бидејќи е на јужна, потопола страна, тие проблеми се помалку изразени. Планираме и таа да се заврши, а воедно и ентериерот зашто покрај надворешноста треба да се заврши работата и внатре, рече Кубе.