МНР: Нема безбедносни услови за евакуација на македонските државјани од ОАЕ и Катар
Според последните информации добиени од дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија, во моментов повеќе од 400 македонски граѓани побарале информации во врска со можноста за евакуација, додека околу 30 од нив изразиле подготвеност да ја напуштат земјата во првата можна прилика, информираат од Министерство за надворешни работи (МНР).
„Со сите пријавени лица се одржува редовна и континуирана комуникација, при што се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција и нивна безбедна евакуација, во зависност од развојот на состојбата, посочија од МНР.
Паралелно, како што додаваат, дипломатско-конзуларните претставништва ги преземаат сите неопходни мерки за подготовка и безбедна реализација на евакуацијата на граѓаните кои изразиле подготвеност за тоа.
„Министерството за надворешни работи и надворешна трговија е во постојана комуникација со пријателските земји и меѓународните партнери со цел координирано и успешно спроведување на постапката. За граѓаните кои се наоѓаат во Обединетите Арапски Емирати и Државата Катар, согласно информациите и насоките од надлежните институции, во моментов не постојат безбедни услови за евакуација. За македонските државјани кои се наоѓаат во Израел, веќе активно се разгледуваат и координираат потенцијални алтернативи за нивно безбедно извлекување“, информираат од МНР.