„Прашајте ја претседателката“: МНР насочува кон Сиљановска зошто ги објавила сликите без знамето

Според МНР, пред средбата нашата амбасада и протоколот на претседателот Радев ги договориле деталите. Фотографирањето со знамињата не било во тој план


 

Амбасадорот Желјаско Радуков ќе биде примен од директорот на Директоратот за регионална соработка во МНР и таму ќе му биде врачена приотестна нота – откако тој ќе се врати во државата. 

Ова го најавија денес извори од МНР, посочувајќи на кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова како адреса на која треба да се бара одговор – зошто самата си ја објавила фотографијата без знамето на Македонија во соопштението за посетата на Софија?

Она што е најинтересно е дека и премиерот Христијан Мицкоски, кој порача денес дека нема веќе „виткање кичма“ во вакви ситуации и секогаш ќе се реагира, исто така објави фотографија со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ за време на неодамнешната официјална посета на Загреб, на кои нема знаме на Македонија, што ја отвора дилемата – дали овде станува збор за инциденти, за шуплив протокол или пак новата Влада бега и од официјалното знаме на државата, покрај бегањето од официјалното име. Или само продава магла.

Христијан Мицкоски и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ за време на нивната неодамнешна средба во Загреб

Од МНР, сепак, тврдат дека сликањето на Давкова со бугарскиот претседател Румен Радев пред бугарското знаме, но без македонско, е протоколарен пропуст од страна на Софија, иако според аргументите што ги изнесоа и најавата за протестна нота, испаѓа дека за нив тоа што се случи е политичка местенка, т.е. провокација од бугарска страна.  

Според МНР, пред средбата нашата амбасада и протоколот на претседателот Радев ги договориле деталите, при што била договорена заедничка средба и фотографирање само во работниот дел од канцеларијата на бугарскиот претседател, по што следел ручек на кој, парадоксално, имало истакнато македонско знаме, но од таму нема фотографија. Според МНР, бугарскиот протокол отстапил од договорено и Радев се фотографирал со Сиљановска пред бугарските знамиња. За направената отстапка освен што ќе биде врачена протестна нота, ќе се бара и извинување од кабинетот на бугарскиот претседател.

На прашањето зошто на лице место не било реагирано од страна на македонскиот протокол, дипломатите во МНР уверуваат дека поради тоа што неколку часа претходно во Бугарија се урна воен авион и загинаа двајца нивни пилоти, било несоодветно во тие моменти да се реагира формално.

Во меѓувреме претседателот Румен Радев порача дека ова не било ниту државна, ниту работна посета на претседателката за да биде истакнато знаме на државата.

„Нека биде јасно, ова не беше ниту државна, ниту работна посета и се надевам дека во блиска иднина претседателот на Република Северна Македонија ќе оствари државна посета, која ќе биде со сите официјални церемонии по протокол, и тоа ќе придонесе и за нашите односи“, изјави денеска Радев.

Тој додаде дека средбата во Софија била конструктивна и со добар тон, како и дека добил покана за посета на Македонија, за која не е договорен датум.

„Немаше никакви провокации и да не шпекулираме со тоа. Средбата се одржа во пријателски дух. Ние ќе ја помагаме Северна Македонија, побрзо да започне со преговорите по поглавја за членство во ЕУ“, одговори Радев.

Овој одговор следуваше откако Мицкоски во Скопје изјави дека „Европа и светот можеа да видат на отворена сцена кои се вистинските намери на водството во Софија. Не се вистинските намери на водството во Софија, Бугари во Уставот, тоа е најмалиот проблем, многу е поголема потребата да покажат мускули и да ги покажат своите вистински намери“, порача премиерот.

Радев сепак најави дека „ќе се расчисти оваа ситуација и дека многу повеќе се посветило внимание на формата отколку на содржината“.

„Многу поважно е што ќе направиме од тука понатаму. Да ѝ помогнеме на Северна Македонија зашто таа нема проблем со Бугарија, проблемот на Северна Македонија е што не ја спроведува Преговарачката рамка која ја прифати Европскиот совет, сите членки на ЕУ и Северна Македонија“, истакна Радев изразувајќи очекување стремежот на Сиљановска за отвореност и конструктивност да биде прифатен и од Владата на Северна Македонија. (Н.В.)