МНР го смени ставот, застана зад осудата на „законот за странски агенти“ во Грузија


Фото: Б. Грданоски

 

Министерството за надворешни работи го смени ставот или се „разбуди“, откако ја преспа заедничката изјава во Советот за човекови права на ОН во Женава со која се осудува новиот закон за транспарентност на странско влијание во Грузија, или попознат како „закон за странски агенти“ во медиумите, невладините и други организации по примерот на тоа што се случува во Русија. Фактот дека Македонија ја немаше на списокот на тие што застанаа зад заедничката осуда во Женева наведе на заклучок дека новата влада на ВМРО-ДПМНЕ се ставила во заштита на интересите на Русија, заедно со Словачка, Унгарија и Србија. Денес МНР  соопшти дека сепак не е така и дека на обновената листа на земји што стојат зад осудата – е и Македонија.    

„Во врска со објавите на медиумите во однос на Заедничката изјава во Советот за човекови права на Обединетите нации, иницирана од Литванија, со која се повикува Грузија да го укине законот за транспарентност на странско влијание, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија уште еднаш ја повторува позицијата која и во текот на вчерашниот ден беше доставена како одговор на новинарско прашање, дека Северна Македонија ја дели загриженоста на ЕУ којa се однесува на споменатиот закон, што е впрочем наша принципиелна позиција и за слични закони во други држави.

Соодветно, ја поддржуваме и заедничката изјава на Литванија дадена во име на група земји, на која се придруживме и која e објавена на официјалната страница на Советот за човекови права, што е вообичаена пракса“, стои во реакцијата на МНР.

Во прилог МНР објави линк – web page на литванското МНР со ажурирана листа на коспонзори:  https://mission-geneva.mfa.lt/mission-geneva/en/news/56th-session-of-the-human-rights-council-interactive-dialogue-with-the-special-rapporteur-on-peaceful-assembly