МНР го осуди палењето знаме на Бугарија, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не се тие


Министерството за надворешни работи преку соопштение најостро ја осуди денешната објава на видеото на социјалните мрежи во чија содржина е прикажано како се пали знамето на Република Бугарија.

-По денешната објава на видеото на социјалните мрежи во чија содржина е прикажано како се пали знамето на Република Бугарија, најостро го осудуваме овој чин, како евтин и неуспешен обид да се предизвика омраза меѓу граѓаните во двете држави, како и да се нанесе штета на угледот на Република Северна Македонија, наведуваат од МНР.

Министерството додава и дека на најкатегоричен начин го осудува секој чин на сквернавење на чии било националните симболи, вклучувајќи ги и симболите на соседна Република Бугарија, како и секој друг вид израз на омраза кој не соодветствува со суштинските односи меѓу двете земји.

МНР упатува апел до граѓаните да не потпаѓаат на ваквите провокации, чија намена, како што стои во соопштението, е очигледно нечесна и во спротивност со стратешките интереси на државата да ги негува и развива добрите односи со соседите

На Фејсбук страницата „УМС Гази Баба“ објавено е видео на кое се гледа како човек со качулка на главата го пали националното бугарско знаме.

Видеото е насловено како „Одговор за заедничката историја”.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, по објавата во медиумите дека е запалено знаме на Бугарија велат дека станува збор за шовинистички и удбашки методи кои ги спроведувала власта, а биле насочени кон ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски.

„Ниту УМС ниту ВМРО-ДПМНЕ стои зад тој фб канал кој патем е формиран пред еден ден и има за намера да го отргне вниманието на јавноста од катастрофата во здравството и политичката криза по добивањето на ветото од источниот сосед. Одговорно тврдиме дека зад ваквата конструкција стои власта на Зоран Заев и ова е една капка од морето невистини и дел од клеветничката црна пропаганда против Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Таа црна пропаганда е насочена кон Мицкоски зошто тој е најголемата закана за измамникот Заев и СДСМ. Одговорно тврдиме дека пред да се објави оваа лажна вест не е контактирана ВМРО-ДПМНЕ за став. Бараме повлекување на веста и извинување од порталот во спротивно ќе бидеме приморани да покренеме соодветна правна постапка. Очигледно црвениот телефон од владата е вжештен и нападите и цензурата се секојдневие“, се вели во испратената реакција од страна на ВМРО-ДПМНЕ.