Левица: Додека студенти од социјално загрозени семејства остануваат без легло во студентските домови, се примаат лица коишто не ги исполнуваат критериумите
Откако министерката Јаневска за сместувањето во студентските домови по реакциите на Левица се изјасни дека „сѐ е регуларно“ и дека одбиените едноставно не ги исполнувале критериумите, до Црвена младина пристигнуваат сведоштва кои ја разобличуваат оваа нејзина лага и манипулација, но и докажуваат зошто бодувањето и објавувањето на бодовите е засега клучен механизам за утврдување на самоволие и фаворизирање, се наведува во соопштението на Левица.
Студенти пријавуваат дека кандидати во тешка материјална состојба, кандидати со еден родител или со неработоспособен родител, студенти од семејства со една минимална плата – останале без легло или добиле сместување со партиципација, додека други лица во многу поповолна положба добиле сместување дури и без партиципација.
Има и сведоштва за различен третман на апсолвенти, додека за едни важат правилата, други студенти со статус апсолвенти неколку години по ред, добиваат сместување. Пристигнуваат различни сведоштва за лица коишто добиваат легло без јасен основ, за неформално ‘средување’ и купување соби и за случаи во кои студентите се препраќале од врата на врата без да добијат јасен одговор зошто се одбиени, а управата ги исмејувала или игнорирала, па дури ги прашувала и за партиска книшка.
Додека фактите и бројките за квалитетот на образованието, сиромаштијата, иселувањето и незадоволството постојано се тема во фокус на алармите на јавноста – да се бара партиска книшка за легло во студентски дом е врв на безобразието и погубните политики на ДПМНЕ!
И тоа е признание дека наместо да создаде држава во која младите напредуваат според труд, знаење и социјална потреба, ДПМНЕ произведува систем во кој дури и сиромаштијата мора да ти е партиски погодна. Тоа е најпонижувачката лекција што една власт може да му ја даде на млад човек, однсно, дека не е доволно што нема пари, а сака да се образова и да се извлече од сиромаштијата, дека не е доволно што учи и што ги исполнува условите, туку треба да има и “правилна“ партиска книшка за да добие кревет што државата е секако должна да го распределува по Закон и Правилник!
Токму овие сведоштва објаснуваат зошто криењето на бодовите е толку голем скандал. Да беа бодовите јавно објавени, како што бара член 13 од Правилникот, секој студент веднаш ќе можеше да види кој го прескокнал, со каков резултат и по кој основ, а врз основа на тоа и да приговара. Наместо тоа, јавноста доби листинг на конечни имиња, а математиката што треба да покаже дали изборот е чесен и законит останува зад вратата на Министерството. Секако, ако бодување воопшто имало.
И ова не го тврдиме само ние, повторно укажуваме дека овој проблем на небодување Државниот завод за ревизија изминативе години веќе го има воочено и запишано. И тие експлицитно имаат наведено дека ваквото не почитување на утврдените методи, овозможува фаворизирање и субјективно постапување.
Не смееме волку лесно да се навикнуваме на неправдата, затоа што најопасниот момент е кога таа ќе престане да нè вознемирува. Зад секое одбиено место стои млад човек и неговиот потенцијал, стои семејство што пресметува дали може да издржи уште една кирија и надеж дека образованието ќе биде излез, а не уште една затворена врата. Кога системот ќе дозволи нечии соништа, но и иднината на државата, да зависат од непрегледни одлуки, партиски книшки и фаворизирања, тогаш им кажуваме на младите дека нивната иднина вреди многу помалку од туѓата привилегија.
Затоа, бидејќи гледаме дека Јаневска има намера да ја затвори темата со молк, повторно ги повикуваме Државниот просветен инспекторат и Државниот завод за ревизија да излезат на терен, да ја отворат постапката до последен документ и да утврдат дали конкурсот бил спроведен според јасно пропишаните критериуми или според неформални интервенции. Бараме да проверат и дали воопшто имало бодување како што бара Законот за студентски стандард и Правилникот за сместување, се вели во соопштението на Левица.