МНР ѝ одговори на Софија за пругата: Бугарија да ги исполни своите обврски


Фото: Б. Грданоски

 

Министерството за надворешни работи ѝ одговори на официјална Софија за нејзината „вознемиреност“ околу најавата за замрзнување на изградбата пругата кон Деве Баир, барајќи Бугарија да ги исполни преземените обврси. МНР вели дека Македонија работи на сите инфраструктурно проекти, но дека Бугарија не го прави тоа, наведувајќи ја 25-годишната закоченост на граничниот премин Клепало.

МНР нагласува дека „Република Северна Македонија е силно посветена на остварување на поставените цели во рамките на НАТО и на создавање регионална инфраструктура, како дел од Европската мрежа на коридори, кои имаат за цел да го засилат економското влијание и да ја олеснат трговијата и транспортот во регионот“.

Министерството наведува дека оваа оваа година се завршува изградбата на експресниот пат од Куманово до Крива Паланка; дека е завршена рехабилитацијата на патот од Крива Паланка до границата со Бугарија (вкупна инвестиција од 105 милиони евра), со што ќе се создаде ново модерно патно решение.

„Во однос на железничкиот Коридор 8, Република Северна Македонија е свесна за геостратешкото значење на овој патен коридор и како земја реализира бројни активности за регионално поврзување и завршување на оската Запад-Исток“, наведува МНР.

Во тој контекст, нагласуваме дека во фаза на реализација е изградбата на пругата од Куманово до Бељаковце, што претставува инвестиција од 40 милиони евра. Воедно, истакнуваме дека во фаза на реализација е и изградбата на пругата од Бељаковце до Крива Паланка, што е инвестиција вредна 155 милиони евра. Дополнително, во фаза сме на тендерска постапка за избор на Изведувач за изградба на последната делница од Крива Паланка до граничен премин Деве Баир, пруга која завршува во претпоставен тунел.

Исто така, Република Северна Македонија ги превзема и исполни сите обврски од Билатералниот договор од 1993 година за изградба на граничниот премин Берово – Клепало, како и инфраструктурата до граничниот премин“.

Македонското Министерство за надворешни работи вели дека за успешно да се реализираат ваквите проекти, треба да постои целосна подготвеност за соработка и од страна на Република Бугарија. „Во оваа прилика, искрено очекуваме Република Бугарија да ги преземе сите неопходни активности во насока на унапредување на инфраструктурата на Коридор 8, како и да ги исполни обврските кои произлегуваат од Билатералниот договор од 1993 година за изградба на граничниот премин Берово – Клепало.

Изградбата на патната и железничката инфраструтруктура во регионални рамки ќе биде успешно реализирана само ако сите земји долж Коридорот 8 континуирано преземаат заеднички активности за нивен развој и модернизација“, се вели во соопштението на македонското МНР.