Мнозинството Руси се подготвени војната во Украина да трае уште две години


 

Русите не сакаат да мислат на иднината, тие се фокусирани на денешницата, а не на промени, покажува ново истражување

Огромно мнозинство Руси (86,7%) се подготвени да го издржат продолжувањето на војната во Украина во следните две години, пишува весникот „Ведомости“, цитирајќи студија на консултантската група „Полилог“.

Во исто време, 45% веруваат дека војната ќе трае од шест месеци до една година, 28% – од една година до две години, 13% – помалку од шест месеци. Само 8% признаваат дека воениот конфликт ќе се одолговлекува од три до пет години, а помалку од 5% – дека ќе трае повеќе од пет години.

Мнозинството (околу 70%) се убедени дека војната ќе заврши со зачувување на Крим и анектираните региони на Украина како дел од Русија, а 32% чекаат „анексирање на други територии на Украина во иднина“. Само 9% велат дека „сите територии ќе ѝ бидат вратени на Украина“.

Исто така, 52% од Русите веруваат дека војната ќе заврши со „промена на режимот во Украина во интерес на Русија“, а 38% чекаат „демилитаризација на Украина“. Покрај тоа, 77% од Русите се сигурни дека меѓународниот престиж на Русија ќе се зајакне по завршувањето на војната.

Позитивното влијание на санкциите врз економијата го забележале 61% од Русите, негативно – 38%. Мнозинството (72%) зборуваат за зголемени деловни можности за развој како резултат на ограничувањата на санкциите. 28% велат дека можностите се намалени.

Во исто време, 60% од Русите не веруваат дека Русија ќе остане изолирана од светската економија пет години по војната; 75% од Русите чекаат да се вратат заминатите странски компании.

„Генерално, можеме да заклучиме дека колку попозитивни се очекувањата од резултатот од специјалната операција, толку попозитивни се прогнозите за социо-економските и политичките аспекти на иднината на Русија“, резимира Никита Сетов, заменик-шеф на оддел за специјални проекти во „Полилог“.

Воениот конфликт не е локализиран во Украина, туку е претставен како војна меѓу Русија и Западот, вели Валери Федоров, генерален директор на Серускиот центар за истражување на јавното мислење. „Ако порано Русите веруваа дека ова е специјална операција против Украина, сега тоа се доживува како конфликт меѓу Русија и Западот. Така, сега имаат чувство дека специјалната операција ќе трае долго време“, објаснува тој.

Според него, Русите не размислуваат за иднината и не упатуваат барање „за промени во политичкиот систем“. Русите ќе почнат да разговараат на темата за иднината кога за тоа ќе почнат да зборуваат првите луѓе на државата, убеден е Федоров. „Досега сите се фокусирани на денешницата, а не на промените“, заклучи тој.

„Кога луѓето одговараат на прашањето што ќе се случи во рок од неколку години по завршувањето на специјалната операција, тоа не се проценки, туку очекувања и барања кои произлегуваат од постоечката слика за посакуваната иднина“, вели Константин Костин, шеф на Фонд за развој на граѓанското општество. Според него, сега Русите се подготвени за „конзервација“ за да се надминат проблемите, но „кога сè ќе стане смирено, јавното мислење ќе се префрли кон барање за промена“.