Многу губитници од великоалбанскиот инцидент во Тетово, добитник само Вучиќ

Собирот во Тетово е комплицирана порака за ВМРО-ДПМНЕ, која е во формална коалиција со Беса. Иконографијата за пречекот на Курти е проблем и за Владата


Тројцата опозициски првенци од албанскиот политички блок му прават друштво на косовскиот премиер Албин Курти во Тетово (Фото: Принтскрин)

 

Кој би можел да се пофали со некаква корист од изложувањето на мапата на „Голема Албанија“ на собирот во Тетово во чест на косовскиот премиер Албин Курти. Веројатно никој во Македонија (или малкумина), додека вистинскиот добитник е политичарот надвор од државава, српскиот претседател Александар Вучиќ.

Вучиќ инстантно се обиде да ја искористи шансата што му ја понуди тетовскиот градоначалник Билал Касами, за да се обиде да стави уште еден поен на своето конто во беспоштедната пропагандна битка со косовскиот премери Курти. Тој на гостувањето на телевизија Пинк посетата на Курти на Тетово ја оквалификува како „скандал“.

„Она што се случи вчера во Северна Македонија, односно посетата на Курти на Тетово, е скандал над скандалите. Таму беше промовирана идејата за ‘Голема Албанија’, беа прикажани симболите на ‘Голема Албанија’. Тој е претставен како премиер на сите Албанци и премиер на Тетово. Отворена е улицата ‘Адем Демачи’ во Скопје, а тој беше и ментор и идол на Албин Курти. Да не бевме толку пати посилни и помоќни во однос на нашата техника, Курти не само што би ја нападнал централна Србија, туку и Северна Македонија, Црна Гора, а прашање е што би се случило со Албанија“, изјави Вучиќ.

Овој инцидент ќе му послужи на Вучиќ дополнително да го обликува Албин Курти кај клучните меѓународни актери дека тој е човекот кој не ги почитува договорите што ги потпишаа Белград и Приштина, а и дека се обидува да го дестабилизира регионот, особено онаму каде што живеат Албанците.

Што се случува овде? Без оглед на лавината соопштенија што овие два дена стигнуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за одговорност на Владата, премиерот Ковачевски и, како што го нарекоа „циркузантот“, претседателот Стево Пендаровски, најголем губитник е партијата на Христијан Мицкоски. ВМРО-ДПМНЕ е коалициски партнер на Беса и Билал Касами во Советот на Општина Тетово. Касами беше избран за градоначалник во голема мерка и со гласовите на вмровските поддржувачи и членови.

Беса и ВМРО-ДПМНЕ се во формална и неформална коалиција за соборување на владата уште од ноември 2021 кога беше формирано „новото парламентарно мнозинство“, кое сепак, не успеа да обезбеди 61 пратеник. Касами и Мицкоски не се согласуваат околу уставните измени (Беса е подготвена да ги гласа), но таа разлика се премостува во борбата против заедничкиот политички противник – СДСМ и ДУИ.

Ако забележавте, во соопштенијата на ВМРО-ДПМНЕ никаде не се споменува одговорноста на Билал Касами за она што се случи на собирот во Тетово, ниту за фотографијата што тој ја објави на својот Фејсбук профил на која се гледа картата на „Голема Албанија“. ВМРО-ДПМНЕ настојува да ја зачува коалицијата со Беса во опозицискиот блок и при тоа одговорноста на она што се случи во Тетово да им ја припише на СДСМ и ДУИ, а не на организаторот на собирот – Билал Касами. Така, денеска, портпаролот на партијата изјави дека за случувањата во Скопје и Тетово премиерот  Димитар Ковачевски и претседателот Стево Пендаровски „не може да се амнестираат, глумењето „државништво’ отпосле е срамен чин“. Партијата пак ќе праша зошто на Курти му било дадена полициска придружба ако бил во приватна посета, но повторно со ниту еден збор нема да ја спомене одговорноста на оној што го организира собирот – градоначалниокот Билал Касами.

Како што не го спомена организаторот на цеременијата во скопската општина Чаир за преименување на улицата „Втора македонска ударна бригада“ во „Адем Демачи“, затоа што тоа е градоначалникот Висар Ганиу, припадник на одметната група од ДУИ, со која ВМРО-ДПМНЕ сака да гради политичка соработка во обид да ги намали гласовите за партијата на Али Ахмети. , а потоа и да прави калкулации за можна влада. Ниту пак дека во организацијата на свеченоста за тоа преименување учествуваше и другата опозициска парламентарна партија – Алтернатива.

За ВМРО-ДПМНЕ ќе биде комплицирамно да претстави како би можеле да прават коалиција со партија како Беса на чии собири се веат карти на „Голема Албанија“, а Касами го пречекува Курти во Тетово со песната „Добредојде во Албанија“. Во видеото дистрибуирано од Касами по собирот во Тетово се гледа како до него оди лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, а десно од Курти е Изет Меџити, кој денеска ја официјализираше партијата Демократско движење откако излезе од ДУИ.

Касами, Гаши и Меџити во значен дел од јавноста ќе почнат да бидат оквалификувани како радикални националисти кои мислат на „Голема Албанија“, кој го претставуваат Тетово и регионот како дел од Албанија, па ќе биде многу комплицирано некоја партија од македонскиот блок, пред сѐ, ВМРО-ДПМНЕ да ги претстави нив како коалициски партнери.

За СДСМ може да претставува олеснување што Беса по свое наоѓање ја раскина коалицијата формирана за изборите во 2020 година, чија главна цел беше да се освојат повеќе пратенички места во Шестата изборна единица. Но тоа не ги решава проблемите на партијата, а и на Владата. Без оглед што денеска СДСМ преку соопштение повика „Христијан Мицкоски да не се крие, да излезе пред јавноста и да одговори околу настаните во Скопје и Тетово, кои беа во организација на неформалните коалициски партнери на Мицкоски и ДПМНЕ.
Касами стана градоначалник со поддршката и гласовите на ДПМНЕ, а нивната заедничка соработка продолжува и во Советот, во Собранието но и за други теми. Мицкоски го предлагаше Африм Гаши за нов мандатар на Владата, а сега ДПМНЕ наводно е згрозена од неговото дејствување“.

Реакцијата на премиерот Ковачевски дека „иконографијата забележана на настанот во присуство на висок претставник на странска држава е несоодветно и недозволиво“ за многумина е недоволно. На кој начин полицијата во Тетово, која презема мерки за идентификување на сторителите и целосно расчистување на случајот, ќе ја заврши оваа истрага, засега не е јасно. Ако не направи ништо опипливо ќе биде обвинета дека се обидува да го забошоти случајот каде се промовираа иредентитички пораки. Ако биде премногу остра може да предизвика реакција на поддржувачите на градоначалникот Касами, а и на неговите нови коалициски побратими, Гаши и Меџити.

ДУИ во целата ситуација внимателно молчи. Таа е концентрирана на одбележувањето на 22-годишнината на Рамковниот договор. Ништо не споменува ниту за инцидентот во Тетово, ниту за фештата во Чаир со преименувањето на улицата. Таа се труди да остане нечепната и да се дистанцира од радикалниот национализам на двете опозициски партии и третата што наскоро треба да се официјализира. Но тоа е само опортунистичко чекање да помине бурата.

Единствен што на некаков начин може да се нарече добитник на политичката сцена во оваа ситуација е Аријанит Хоџа, донеодамнешниот потпретседател на Беса. Тој во саботата, ден по посетата на Курти, ја официјализира неговата Европска демократска партија и на основачкото собрание рече дека на „политичката сцена отвораме нова страница, која ќе придонесе за демократизацијата и имплементирањето на европските вредности во политичката сцена“. И уште рече дека „Македонија треба да стои што подалекуод Србија, односно од руското влијание во регионот. Луѓето што го пречекаа Курти треба да бидат внимателни да не работат под диктат на политички структури што индиректно или директно работат за Русија, односно за изолирање на државата и за попречување на патот на државата кон ЕУ“. Доволно внимателно. Без оглед што мисли и како ќе се движи неговата политичка траекторија, тој доби неочекувана помош да се дистанцира од радикално националистичката фразелогија од неговите довчерашни партиски другари и, како што стои во називот на новата партија, да промовира европски демократски вредности. Ќе видиме дали ќе биде така.

И најпосле, дали некој го потсетил Билал Касами на можните последици од мавтањето на големоалбанската карта од извршната наредба на Џо Бајден од 2021 и продолжена во 2022, со која се замрзнува имот и има забрана за влез во САД на лица кои претставуваат закана по безбедноста и мирот на секоја држава на Западен Балкан. Санкциите ќе се однесуваат и на оние лица, кои, меѓудругото, се одговорни или вклучени во попречување на имплементацијата на Договорот од Преспа од 2018 година и Охридскиот рамковен договор од 2001 година.

Картите со „Голема Албанија“ и песната „Добредојдовте во Албанија“ влегуваат токму во графата за попречување на Рамковниот договор.