ММИ бара од министерот за култура регулирање на музичките авторски права


Членови на Здружението за колективно управување на правата на произведувачи на фонограми и уметници – музички изведувачи, ММИ-Скопје упатија отворено писмо до министерот за култура, Хусни Исмаили, во кое бараат регулирање на музичките авторски права. Тие очекуваат враќање на лиценцата на ММИ-Скопје во најкус временски рок, а во спротивно велат, доколку продолжи игнорантскиот однос, ќе бидат принудени нивниот револт да го изразат со јавен протестен собир пред Министерството за култура.

Нивното писмо го пренесуваме во целост:

„Речиси четири години Министерството за култура не презема ништо за да ги заштити правата на произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи, кои се со Устав и Закон загарантирани. Се чувствуваме оштетени! Во време кога продажбата на плочи и цедиња е драстично намалена, единствено ни останува да живееме од хонорарите што ги добиваме од авторските и сродните права. И тоа не ни го дозволува државата! До кога ќе тонеме?! Немаме заштита на правата, тоа еден период го остварувавме, но, за жал, речиси четири години (од минатата власт) му е одземено правото на нашето Здружение (ММИ-Скопје) да ги штити нашите права.

До кога ќе чекаме да се остварат нашите права?
Кој ќе ни го надомести изгубеното во изминативе години?
Зошто не ни дозволувате да си ги заштитиме правата?
Навистина се претера!

Министре, континуирано се обидуваме да оствариме средба со Вас, но нашето барање сè уште нема никаков одговор.
Зарем не Ве интересира да слушнете за правата на изведувачите и произведувачите на фонограми?
Дали знаете што се нивните права?
Ги слушате ли Вашите советници или нема кој да Ве советува?
Погледнете како е во другите држави. БЕВМЕ ПРВИ ВО РЕГИОНОТ ВО 2004, А СЕГА СМЕ ПОСЛЕДНИ ВО СВЕТОТ! Како Ви звучи ова?! Не е воопшто за пофалба, зарем не? Го „газиме“ патот за ЕУ, а таму не се влегува без регулирани сродни права. Тонеме сè подлабоко и подлабоко. Има ли светло на крајот на тунелот? Вие сте тој кој може да ја направи разликата!

Очекуваме брза реакција од Ваша страна и враќање на лиценцата на ММИ-Скопје во најкус временски рок. Во спротивно, доколку и понатаму продолжи игнорантскиот однос на Министерството за култура спрема изведувачите и произведувачите на фонограми во нашата земја, ќе бидеме принудени нашиот револт да го изразиме со јавен протестен собир пред Министерството за култура.

Крајно време е да ја вратите лиценцата на ММИ“, велат од Здружението.