ММФ ја намалува прогнозата за глобалниот раст поради војната со Иран
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ќе ја намали прогнозата за глобалниот економски раст поради шоковите од војната на Блискиот Исток, изјави директорката Кристалина Георгиева.
Дури и во најоптимистичкото сценарио, ММФ очекува надолна ревизија на растот, според подготвените забелешки презентирани денеска.
– Без нарушувања во снабдувањето – особено со нафта и гас од Заливот – изгледите би биле посилни, рече Георгиева, додавајќи дека ажурираните прогнози ќе бидат објавени во вторник.
Во јануари, ММФ прогнозираше глобален раст од 3,3 проценти за годинава, при што еврозоната требаше да порасне за 1,3 проценти, а САД за 2,4 проценти.
– Дури и во најдобар случај, нема да има едноставно враќање на состојбата од порано – изјави таа за војната што започна на 28 февруари со американски и израелски напади врз Иран.
„Она што го знаеме е дека растот ќе биде побавен – дури и ако новиот мир се одржи.“
Георгиева предупреди дека неизвесноста останува околу безбедноста на клучните поморски рути, вклучително и Ормуска Теснина, која е од критично значење за глобалната трговија со нафта, гас и други стоки, како што се ѓубривата.
Таа, исто така, посочи дека превозот низ теснината Баб ел-Мандеб останува на приближно половина од нивото од 2023 година, поради повторените напади врз трговски бродови од јеменските Хути, што наложува меѓународна поморска придружба.
Ценовните шокови во енергетиката веќе натераа и други институции да ги ревидираат прогнозите. Германските економски институти минатата недела ја намалија прогнозата за растот на најголемата европска економија во 2026 година на 0,6 проценти, од 1,3 проценти пред шест месеци.