МЛС со швајцарска поддршка набави ИТ опрема за центрите за развој на планските региони

Во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ – 2 фаза, Министерството за локална самоуправа набави ИТ опрема за сите осум центри за развој на планските региони. Овој проект, како што денеска соопштија од Министерството, поддржан од Владата на Швајцарија, претставува значајна инвестиција во подобрување на капацитетите на центрите и нивната способност да обезбедат поефикасен и поквалитетен сервис за граѓаните.
Во Министерството за локална самоуправа денеска симболично било извршено примопредавање на опремата, при што директорите на центрите едногласно истакнале дека таа значително ќе им помогне во обезбедување на побрз и поефикасен пристап до информации, како и голема поддршка во напорите за одржлив развој во сите региони низ земјава.
Набавената опрема, која вклучува преносни и персонални компјутери, монитори, мултифункционални принтери и NAS системи е целосно приспособена на потребите на Центрите за развој на планските региони. Вкупната вредност на оваа донација изнесува 1.295.500,00 МКД и, како што стои во соопштението, ќе има директно позитивно влијание на работењето на овие институции.
– Воспоставувањето на силни и добро опремени центри претставува основа за продолжен раст и развој, кој ќе ги подобри условите за живот на сите граѓани, а посебно на оние во помалку развиените региони, соопштија од Министерството за локална самоуправа.