Мизрахи му возврати на Филипче дека тонел во калта
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи одговори на обвинувањата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче велејќи дека поранешниот министер за здравство се бранел несмасно и продолжил да тоне во калта. Мизрахи беше претседавач со собраниската анкетна комисија за случувањата на Клиниката за онкологија.
„Венко Филипче како поранешен министер за здравство во владата на СДС, а сега како претседател на СДС продолжи да тоне во калта уште подлабоко.
Филипче денеска на прес-конференција побрза да се правда, но несмасно. Заглавен до гуша во скандалот Онкологија неговиот прес е безмалку бесрамен.
Филипче директно или индиректно во неговото неработење дозволи системски башибозук и непочитување на шеесетина законски одредби. Тоа се шеесетина дејствија со директно влијание по животите на пациентите.
Господине Филипче, се чини дека во паниката во која се наоѓате го заборавивте и се надевам дека го заборавивте, а не дека не го познавате Законот за здравствена заштита, па оттаму и вашата прес-конференција на која ме прозивате е во тотален хаос“, рече таа.
Филипче претходно на прес-конференција рече дека имало редовно разработувани извештаи на Министерството за здравство и дека Мизрахи и тогашниот министер за здравство Фатмир Меџити ги сокриле.
„Господине Филипче, извештаите од институциите доставени до Министерството за здравство во периоди од 6 месеци се согласно член 110 од Законот за здравствена заштита и се доставуваат од директорот на установите. Господине Филипче дека согласно членот 295 надзор врз здравствените институции врши министерот и оттука следи неговата директна одговорност.
Да ве потсетам исто така господине Филипче дека за време на анкетната комисија вие некако на ништо не се сеќававте, затоа сакам директно да ве прашам: Дали единствената цел на вашата прес-конференција беше само срамно да се брани профитот на веледрогериите кои ги уценуваат здравствените институции со години. Тоа се истите оние веледрогерии кои преку уцените до здравствените институции ги крадат и во џеб на поединци ги ставаат парите на сите граѓани“, нагласи Мизрахи.