Мизо: Глобалните случувања ќе влијаат врз инвеститорите во земјава и нивните одлуки

Глобалните случувања ќе влијаат врз компаниите што се во земјава, но и врз нивните одлуки каде и како да ги пласираат своите производи, оцени денеска претседателот на Советот на странски инвеститори Виктор Мизо.
Како што истакна Мизо на прес-конференција во Владата, царините што ги воведе Трамп имаат делумно влијание и тоа главно врз фирмите што извезуваат директно во САД, додека евентуалните дополнителни 10 отсто за земјите од БРИКС што ги најави вчера американскиот претседател, нема директно да се одразат врз глобалните текови, ниту врз странските бизниси кај нас зашто тие, пред се, работат за европскиот пазар.
-Многу поголем ефект тука има врз компаниите што работат во автомобилската индустрија, каде крајниот европски производ треба да се извезува во САД. Од она што го гледаме, се уште за автомобилска индустрија, тие царини се 25 проценти. Тие, како што гледам, засега нема да се менуваат и тоа е индиректно влијание. Но, она што ние го гледаме не е толку локалната работна сила, туку многу повеќе, кои се случувањата на глобално ниво. Во однос на најавата за БРИКС, ако не се лажам, пред нецел месец, во Кина царинската стапка беше над 150 проценти. Тој баланс некако сега се воспостави помеѓу САД и Кина. Така да, сметам дека веднаш да мислиме дека ова директно ќе влијае врз глобалните текови, не. Тоа треба да има некој начин на урамнотежување што ќе се случи во следниот период. Но, тоа директно нема да влијае толку кон странските компании кај нас, бидејќи тие пред се, работат за европскиот пазар, подвлече Мизо, одговорајќи на новинарски прашања.
Според него, многу е важно дали конфликтот во Украина ќе продолжи.
-Важен е целиот процес на синџирите за добавување, потенцијални други видови трговски бариери визави Кина ќе бидат воспоставени. И односите, САД визави Кина, Европската Унија со Кина, бидејќи сето тоа ќе влијае директно на компаниите што се тука лоцирани и како и каде тие ќе ги пласираат своите производи. Околу работната сила, во предлетниот период како што знаеме сите, имаме голем број наши работници кои одат во различни земји низ Медитеранот, пред се во Хрватска. Но, сметам дека најголем дел од компаниите од производствениот сектор се справуваат со тоа, бидејќи ова не е само нешто што се случува оваа година. Така што успеваме да ги пребродиме тие активности, нагласи Мизо.
На прес конференцијата, премиерот Христијан Мицкоски посочи дека Владата подава рака и на домашните, и на странските инвеститори.
„Не само декларативно, туку суштински низ институционална поддршка, предвидливи правила и директна комуникација. Проблемите ги решаваме заедно. Свесен сум дека граѓаните сеуште живеат тешко и дека недостигот на пари е присутен, но промените ќе ги дадат конкретните резултати многу побрзо и ние вложуваме напори тоа да биде час поскоро и посилно, ефектите од ваквиот раст во економијата неминовно ќе се почувствуваат и јас сум сигурен дека се движиме во добра насока“, рече Мицкоски по состанокот на Советот за странски инвестиции.
Тој состанокот со претставниците на водечки странски компании кои веќе инвестираат во Македонија и кои со години ги следат економските политики во земјава го оцени како исклучително важен.
„Во дијалогот разговаравме отворено за предизвиците, но и за потенцијалите што ги нудиме. Јасно е дека имаме промени кои мораме заеднички да ги продолжиме. Затекнавме една тешка слика и реалност која ја менуваме“, истакна Мицкоски.
Мицкоски посочи дека денес имаме економија која расте, индустрија која произведува, извоз кој се зголемува и инвеститори кои повторно гледаат шанса тука, дома, во Македонија.
„Реалниот раст на бруто-домашниот производ во првиот квартал од 2025 изнесува 3,2 проценти. Тоа не е случајност- тоа е резултат на стабилни политики и вредна работа; во периодот јануари- мај, извозот е зголемен за 3,15 проценти, додека увозот бележи раст од само еден процент. Тоа е знак дека стануваме поконкурентни, дека произведуваме повеќе и пласираме повеќе на странските пазари“, рече Мицкоски.
Истакна дека индустриското производство во мај пораснало за 9,4 проценти во споредба со истиот месец минатата година.
„Сè повеќе фабрики работат, сè повеќе линии се пуштаат, сè повеќе работници се враќаат во производните погони. Трговскиот дефицит е намален за 80тина милиони долари во првите два месеци од вториот картал, тука зборуваме за месеците април и мај, што е намалување за 13 проценти споредено за истиот период од минатата година. И, конечно минатата година имавме странски инвестиции кои што имаат свој рекорд од 1 милијарда и 255 милиони евра“, посочи премиерот.
Најави дека се водат активни разговори за нови инвестиции во автомобилската индустрија, ИТ секторот, логистиката и агро-преработката.
„Исто така, разговараме со САД за можни царински олеснувања и верувам дека ќе бидеме во групата земји кои што ќе бидат наскоро објавени, кои што ќе имаат услови најповолни за да извезуваат на американскиот пазар. Сето ова не доаѓа преку ноќ. Но, доаѓа тула по тула, бидејќи се градат темелите на промените. Ние не ветуваме чуда, туку многу работа. Секој ден. За секоја инвестиција, за секое ново работно место, за секој денар повеќе во буџетот, за секој чекор напред на државата“, истакна премиерот Мицкоски.