Мистеријата конечно е решена: Познато е каков објект беше исфрлен на брегот во Австралија


Австралиската вселенска агенција ја заврши двонеделната истрага за мистериозен објект што се најде на плажа во Западна Австралија и утврди што е тоа.

Мистериозниот метален цилиндар што беше откриен на 17 јули на плажата во Грин Хед, 250 километри од Перт, беше составен дел од третата фаза на индиската ракета Polar Satellite Launch Vehicle, потврди двонеделната истрага на Австралиската вселенска агенција.

Остатоците се во магацинот на Австралиската вселенска агенција, која во соработка со индиската организација утврдува кои ќе бидат следните чекори во однос на обврските кои произлегуваат од договорот на Обединетите нации.

„Австралиската вселенска агенција е посветена на долгорочни одржливи активности поврзани со вселената, вклучително и ублажување на штетите од отпадот, и продолжува да ја истакнува важноста на овие активности на меѓународно ниво“, објави агенцијата на Твитер, додавајќи дека секој што ќе забележи остатоци од вселенски летала треба да пријави кај локалните власти или директно до агенцијата.