Мистерија е зошто пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не гласаа за законот за македонски јазик
Гротескно е постојано да зборуваш како е загрозен македонскиот јазик, па ќе бил загрозен во ЕУ, а при тоа да не гласаш за закон за негова заштита
Дали поради пасивниот или (активниот) бојкот на работата на Собранието опозицијата во вторникот се најде во една парадоксална ситуација – со денови да зборува дека македонскиот јазик е загрозен, дека со евентуалното усвојување на уставните измени тој ќе биде дополнително загрозен во ЕУ, а во исто време да не се гласа за предлогот на законот за употреба на македонскиот јазик во првото читање.
Ова е втор „инцидент“ поврзан со македонски јазик во кој пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата околу партијата не учествуваат при гласањето. Првиот беше при ратификацијата на договорот за Фронтекс со ЕУ потпишан на македонски јазик. Тогашното објаснување (повеќе смешно отколку реално) беше дека вмровските пратеници не го слушнале ѕвончето кое ги повикува да влезат во салата и така го пропуштиле гласањето. Сите до еден!
Така и сега. Дури 36 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ не успеаја да гласаат за законот за македонски јазик да го помине првиот филтер, т.е. првото читање, за сега да отиде на јавна расправа. Не успеаја да гласаат ниту оние пратеници кои претходно во расправата имаа пофални зборови за предложениот закон, како Гордана Силјановска-Давкова. Таа претходно рече: „Го поздравувам предлогот за донесување на Законот за македонскиот јазик, постапката одеше во дебатен стил, со предлози кои беа ислушувани од министерката, а дел беа прифтени“. Во салата, сепак, над 60 пратеници гласаа законот да премине во натамошните фази.
Партиската дисциплина некогаш станува гротескна. Уште погротескно е кога на вмровската партиска дисциплина ќе ѝ се придружат двајцата пратеници на Левица, а исто толку гротескно е кога на овој водотек ќе се приклучи и пратеникот и лидер на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, кој многу често знаеше да биде независен глас во собраниската сала.
СДСМ го искористи овој неочекуван „подарок“ од опозицијата за денеска преку соопштение да оцени дека било „срамно што пратениците на ДПМНЕ и Левица не гласаа во Собранието за новиот Закон за употреба на македонскиот јазик. ДПМНЕ и Левица покажаа крајно непочитување на сопствениот јазик и уште еднаш го потврдија своето лицемерие, од една страна манипулираат дека македонскиот јазик е загрозен, дека ќе стане бугарски дијалект, а од друга страна не го гласаат законот за употреба на македонскиот јазик“.
Министерството за култура, кој е предлагач на законот, вели дека со него ќе се прошират областите во кои задолжително се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо. Ќе се прошири опсегот на задолжително лекторирање на текстови што се објавуваат, задолжително од лектор со лиценца. Задолжително ќе се лекторираат меѓународните договори, публикациите и учебниците што се издаваат на македонски јазик, магистерските и докторските трудови што се напишани на македонски јазик, како и тие што се преведуваат на македонски јазик од други јазици, плакатите, летоците, називите на производите… Меѓу најголемите новини од законското решение е и поддршка за учење на македонскиот стандарден јазик за странски студенти кои македонскиот јазик го изучуваат како странски јазик, во и надвор од Републиката, но и изучување на јазикот во културно-информативните центри на земјава во странство.
Што има во ова што би им пречело на вмровските пратеници во Собранието не јасно. Дури изгледа како мистерија. Цело време да зборуваш за тоа дека треба да се заштити македонскиот јазик кој бил нападнат и од север и од исток, и во неговото овдешно јадро, а при тоа да демисинонираш при гласањето за неговата заштита, не е само чудно, туку и политички незрело.
Веројатно тоа е една од показните вежби како би можело да изгледа гласањето за уставните измени. Партиската дисциплина мора да се почитува, а па и тогаш кога изгледа апсолутно непотребно. (Љ.П.)