Мирјана Карановиќ во Скопје: „Со театарот сум во брак, а филмовите се мои љубовници“

Многу ми беше тешко да бидам и актерка и режисер, рече синоќа Карановиќ, по бесплатната проекција на нејзиниот филм „Мајка Мара“ во Синеплекс


Српската актерка со светска слава, Мирјана Карановиќ, синоќа, во Скопје, македонската публика ја виде и како актерка и режисерка. Со нејзиниот филм „Мајка Мара” во Синеплекс започна Зимското издание на Мрежата на фестивали од Јадранскиот регион кој ќе трае до 5 февруари, со што публиката во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Северна Македонија ќе има можност бесплатно да гледа избор на наградувани регионални филмови – во кината низ целиот регион и онлајн. Од  денес сите филмови ќе бидат достапни преку онлајн платформата on demand.kinomeetingpoint.ba.

„ Мајка Мара” од Карановиќ е интимна драма за загуба, тага и неочекувана блискост помеѓу мајка и пријател на нејзиниот починат син.

-Не ми беше едноставно да ја направам приказната, да се напише сценариото бидејќи се занимавав со внатрешниот свет на една жена кој не е толку прецизно одреден со некое литерарно дело. Се почна од една театарска претстава во која толкував лик на жена која го изгубила синот и ми се допдна нејзината енергија. Долго го барав вистинскиот агол од каде можам да посматрам се она што и се случува на таа жена, а притоа јас да имам некаква врска со тоа. Таа како личност е сосема различна од мене, но она што ни е заеднично е како чувствува жената кога целиот свој живот ќе го вложи во некоја цел и потоа сето тоа го губи. Кога ќе го изгуби она што е врв на нејзиниото животно вложување. Беше емотивно и додека снимавме, рече синоќа пред македонската публика, актерската дива и посочи дека овој филм на фестивалите не може да се натпреварува со некои филмови кои се повеќе комерцијални, но дека е среќна дека го снимила филмот.
Истакна дека не се образувала да биде режисер, но во своите филмови сака да ги раскаже приказните од некој агол кој не е чест во кинематографијата.

-Овој филм ќе може да се гледа и за 10 години. Тој претставува еден вид исповед. Многу ми беше тешко да бидам и актерка и режисер во овој филм. Јас сакам да бидам актерка никогаш нема да се одречам од тоа. Тоа е мојот живот. Не би можела постојано да бидам режисер иако уживам во тоа. Овие мои филмови се мои авантури. Со театарот сум во брак, а филмовите се мои љубовници- тие се моите вонбрачни врски, рече Карановиќ.

Вучиќ Перовиќ ја толкува главната машка улога во филмот и сподели со присутните дека на снимањето на овој филм секогаш ќе се сеќава бидејќи кога почнал да работи на филмот добил повик од театарот во Белград за постојано вработување.

За кинематограферот Игор Маровиќ доста интересно течело снимањето и изрази задоволство што имал можност да работи со некој голем автор како што е Мирајана Карановиќ.

Карановиќ дипломирала глума на Факултетот за драмски уметности во Белград во 1984 година, во класата на професорот Миленко Маричиќ, заедно со Љиљана Благојевиќ, Мерима Исаковиќ и Мимо Караџиќ. Светската слава ја стекна со улогата на мајка во филмот на Емир Кустурица „Татко на службен пат“.

Во 2005 година таа се појави во филмот Грбавица, кој е деби на режисерката од БиХ Јасмила Жбаниќ. Филмот ја освои Златната мечка на Берлинскиот филмски фестивал. Во него Мирјана Карановиќ глуми мајка која заедно со нејзината ќерка го преживува периодот по балканските војни од крајот на 20 век.

На Академијата за уметности во Белград е избрана за вонреден професор во 2001 година и за редовен професор по актерска игра во 2007 година. Била декан на Академијата за уметности во два мандати, од 2001 до 2003 година и од 2009 година .

Во 2010 година, таа учествуваше на работилница за актери и режисери на филмскиот фестивал во Утрехт и на театарска работилница на театарскиот фестивал во Богота.

Таа е една од петте актерки кои двапати ја добија наградата Златна арена во Пула. По нејзината улога во филмот „Грбавица“, кој ја доби наградата „Златна мечка“, во 2006 година беше номинирана од Европската филмска академија за најдобра актерка во европски филм .

Таа е забележана и по нејзиниот активизам во борбата за човекови права, учество во антивоени протести и борба против националната, расната, верската и социјалната дискриминација .

Добитничка е на бројни награди и признанија. Активно игра во театар, филм и телевизија. Од 2021 година е постојан член на Белградскиот драмски театар  .

Бесплатна проекција на „Мајка Мара“ во Скопје во рамки на зимското издание на јадранската фестивалска мрежа