Министрите за одбрана на ЕУ првпат ќе разговараат за климатските промени


Финска – Министрите за одбрана на ЕУ денешниот неформален состанок во Хелсинки првпат ќе разговараат за безбедносните аспекти на климатските промени, посочи утрово шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини.

– Утрово ќе продолжиме со агенда која е многу фокусирана на одговорноста на Европската Унија во однос на безбедносните предизвици со кои се соочуваме глобално, ќе почнеме со дискусија за безбедноста, одбраната и климатските промени… Како Европска Унија согледуваме дека климатските промени претставуваат безбедносна закана, така што првпат ќе разговараме за оваа поврзаноста со министрите за одбрана, изјави Могерини.

На агендата на министрите ќе се најдат и кибер нападите и морската безбедност, како и безбедносниот ризик кој произлегува од вештачката интелигенција.

Во Хелсинки се и министрите за надворешни работи на ЕУ кои ќе разговараат приоритетно за ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток

– Имаме полна агенда. Тешки времиња, кога мислам дека земјите членки се свесни дека единствен начин да се справиме со предизвиците – било да се тоа морската безбедност, климатските промени, хибридните закани, вештачката интелигенција, Блиски Исток или други ситуации како Балканот – е заедно како Европејци, повика Могерини.

Таа додаде дека светот очекува од ЕУ да „ја одигра улогата што може да ја одигра“ за да осигури мултилатерален пристап кон кризите во светот.