Министрите на ЕУ ги усвоија заклучоците, рокот за преговорите на Македонија исчезна


Министрите на ЕУ ги усвоија заклучоците за проширувањето околу кои минатата година не можеа да постигнат консензус. Според преставникот на словенечкото претседателство, останува европската перспектива за земјите од Западен Балкан, но конкретно кога се однесува за Македонија и Албанија, од заклучоците исчезна временската рамка која налагаше да се најде решение за блокадата на преговорите до крајот на годинава. 

Европската комисија и Советот на ЕУ изразија задоволство за компромисот постигнат во делот на проширувањето и го нарекоа „ремек дело на способноста на ЕУ да изгради компромис“, како што изјави потпретседателката на Европската Комисија, Вера Јоурова.Сепак тој компромис повеќе не го вклучува рокот за старт на преговоритена Македонија со ЕУ   „до крајот на оваа година“.

На прашање  дали Словенија е разочарана што не ја исполни амбицијата и дали е тоа знак дека новата бугарска Влада не е подготвена за брзо отворање на преговорите со Северна Македонија, словенечкото претседателство изјави дека е задоволно со крајниот компромис.

– Она што е важно се заклучоците на Советот. Не ги споредуваме со претходните нацрти, некои формулации се тука од пред два месеца и повеќе, но бидејќи преговорите за вакви документи се многу долги, дефинитивно би го оценил денешниот ден како успех, изјави државниот секретар за европски прашања на Словенија, Гашпер Довжан.

Тој понатаму нагласи дека ова е „пример за духот на компромис и лојална соработка на земјите членки“.

– Она што начелно предвидовме да го постигнеме не беше изводливо оваа година и ова е фактичката причина зашто „оваа година“ не се појавува повеќе во заклучоците, додаде Довжан.

Околу тоа зошто Северна Македонија е третирана различно од сите други држави во овој текст преку употребата на долгото име – Република Северна Македонија секаде, додека другите се именуваат со нивното кратко име и дали ова претставува нов спор со името на земјата, овој пат наметнат од Бугарија, тој рече:

– Ова е одвоено прашање. За почетокот на преговорите потребна ни е преговарачка рамка, тоа  е друг процес кој ќе биде започнат, бидејќи имаме нова Влада во Бугарија и многу сме оптимисти дека ќе се тргне по одамна поставениот пат што е можно поскоро.

Во крајните заклучоци отстранета е експлицитната референца што ги поврзува процесот на проширување за Северна Македонија со имплементацијата на Договорот со Бугарија, меѓутоа оваа референца е присутна и во самата преговарачка рамка, како што објаснуваат дипломатите што имале увид во рамката.Ако Северна Македонија дојде до чекорот на усвојување на таа преговарачка рамка останува прашањето како ќе се води дипломатска битка на тој терен за да не се дозволи процесот на преговори да биде заробен од билатералниот спор помеѓу Скопје и Софија. 

Конечно „бел чад“, напиша сепак на твитер еден од известувачите од министерскиот Совет, а заклучоците ги поздрави и еврокомесарот Оливер Вархеји кој оцени дека тие ги посочуваат приоритетите на кои ќе се работи натаму со Западен Балкан на нивниот „ЕУ пат“ (што и да значи тоа).

„Ова е важен сигнал дека проширувањето е приоритет на ЕУ“, порача Вархеји.