СДСМ гледа договор „под радар“ за Ива Михаилова, ЛДП – правна хаварија
Граѓаните очекуваат власта да покрене потерница за Михаилова и да даде одговор - зошто не функционира границата?
СДСМ гледа договор „под радар“ за Ива Михаилова, која побегна од Македонија под нејасни околности и сега е на лечење во Бугарија. По изрежираното бегство на Никола Груевски, на Артан Груби и на други обвинети за криминал, што зборува не само за начинот како функционира политиката во државата, туку и за третманот на границата како „швајцарско сирење“, ова е уште една епизода како се избегнува крајниот збор да го има правдата. Според СДСМ, ова сценарио го договорил министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски додека беше во Софија.
„Народот гледа дека се работи под маса и ‘под радар’. Гледа што договарал Тимчо Муцунски на средбите во Софија. Гледаме дека едно се кажува пред граѓаните, а далеку од очите на јавноста, Ива Михаилова, обвинета во судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици, е пуштена преку граница. Иако судот ѝ ги одзел двата пасоша. Самата вели дека ја поминала границата легално, со лична карта, и дека службениците на границата знаеле. МВР вели дека нема евидентиран излез.
Граѓаните не се наивни. Гледаат и знаат сè. Вака се договараат бегствата од правдата. Со Мицкоски, Тошковски и ВМРО, границата е решето и за 5 тони дрога, и за бегалци од правдата.
Класичен шаблон на ВМРО — организираната криминална група. Оставка веднаш од Панче Тошковски. По сите скандали, тој прв треба да понесе одговорност. СДСМ бара да се утврди кој сè е вмешан во ова договорено бегство и сите да понесат одговорност“, порачаа од главната опозициска партија.
И Либерално-демократската партија (ЛДП) изрази „длабока огорченост од секојдневните скандали кои ја потресуваат македонската јавност, а кои укажуваат на натамошно пропаѓање на државните институции и градење систем на неправда“.
„Случајот со Ива Михаилова го апстрахираме од етничкиот предзнак и нема да им дадеме простор на тие зовриени национал-шовинистички глави во регионот да си прават етно-популистички кампањи на човечки трагедии. Пораките од Софија се скандалозни и грозни и говорат за земја во која постои целосно помрачување кога станува збор за владеење на правото, и европски систем на правда.
Михаилова сега треба да биде гонета за ново кривично дело, а скандалот да биде уште поголем, нејзиниот адвокат изврши кривични дела и пред бугарската и пред македонската правда со јавната изјава дека си ја ‘зеле судбината во свои раце’. Каква правна хаварија!
Во овој случај, вистинска трагедија во Македонија е тоа што целосниот крах на функционирањето на институциите доведе до тоа лице, кое е осомничено за предизвикување смртни последици во сообраќајна несреќа, наместо да се соочи со правдата и да ги почитува судските забрани, добива статус на наводна жртва и шоу-ѕвезда, како од некое одвратно евтино реално шоу. Нема човек во Македонија кој не е згрозен од фактот што вакво нешто беше воопшто возможно“, сметаат во ЛДП.
Според нивна оценка, живееме во држава во која би требало да има функционална полиција, безбедносни камери на граничните премини и служби што осигуруваат дека лица на кои им се одземени пасошите и имаат забрани за излез, ќе бидат достапни на органите.
„Ако сѐ тоа е нефункционална фарса, пораката е кристално јасна: во Македонија можете да убивате, да крадете, да уништувате и на крајот, слободно да си прошетате во странство и да се сликате како жртва. И тоа се случува во земја каде што власта има апсолутна контрола – со целосна законодавна власт, уставно мнозинство, целосна контрола на локалната власт, доминација над медиумскиот простор, па дури и целосен преглед на безбедносните камери.
Пораката која ја добија криминалците во власта со менувањето на Кривичниот законик и ослободувањето од вина на функционерите беше дека од позиција на власт може да прават што сакаат. А сега, пораката која ја добија останатите криминалци со скандалот Михаилова е дека слобода на акција имаат и тие. Ова неодоливо личи на почеток на општ хаос и анархија. Имаме ли сѐ уште моќ да го спречиме ова пропаѓање? ЛДП верува дека во народот постои огромен бес, кој заедно наскоро ќе мора да го изразиме и да му ставиме крај на ова секојдневно државно тонење“, порачуваат од ЛДП.
И место да дадат одговор на сите овие прашања, од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски до шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски, тие ја манипулираат јавноста со празна реторика за СДСМ како „бугарски амбасадор“, во ситуација кога опозицијата во целиов овој скандал нема никаква улога. Тоа што сите го гледаат, уривање на правдата и воведот во анархијата, за ВМРО-ДПМНЕ не постои.
„Претседателот на СДС, Венко Филипче долго време јавноста го гледа како се ставил во улога на бугарски амбасадор кој ги застапува бугарските позиции, на штета на македонските интереси. Арно ама, штом Филипче виде дека такво нешто не поминува кај граѓаните, дека народот не сака ново предавство по примерот на Зоран Заев, кој за да дојде на власт прифаќаше се и потпишуваше договори на бланко бели лист хартија, сменил тактика.
Венко Филипче, одлучил да смени руво и од бугарски амбасадор да стане партизан, па така пред некој ден зел и да маршира по прилепските улици, со одвај 300 поддржувачи. Кое лицемерие од страна на Венко Филипче, од една страна, постојано ги промовира барањата и ставот на Румен Радев за внесување на Бугарите во Уставот, а од друга страна, учествува на марш посветен на борбата против фашистичките окупатори. Затоа, јавно го прашуваме Филипче, против кого маршираше викендов, против бугарските фашистички окупатори или против бугарските администратори, како што со Заев ги нарекуваше Бугарите за периодот на Втората светска војна“, стои во небулозната јавна реакција на владејачката партија.
Дека е небулозна кажуваат и реакциите на граѓаните кои се гневни што системот упорно не функционира и некој кој e платен од нивни пари решава за Михаилова да не важат законите во државата. Тие прашуваат како било можно да излезе преку граничен премин со лична карта (како што тврди самата таа) кога Македонија и Бугарија немаат таков режим и важи само за Западен Балкан? Како е можно наводен адвокат да крши закон и да ја изнесува Михаилова од Македонија и дали ќе биде повикан и тој на одговорност или барем прогласен за непожелен во државава? Зошто молчи Муцунски на обвинувањата дека штител луѓе кои наводно работеле на негова викендичка, односно дека наводно ѝ монтирал случај на Михаилова, иако нема голема логика во тоа? Зошто не праќа протестна нота за приемот на високо ниво на Михаилова во Софија? Ќе активираат ли потерница на Интерпол бидејќи, според државните органи, легално не преминала граница и најавува дека нема да се врати за судење, била виновна или не, бидејќи и ова е кривично дело?
И ако е точно дека поминала илегално, како што се обидуваат да создадат впечаток од МВР, и тука и во Бугарија, како е можно до ова ниво да не функционира заштитата на границата? Зошто потрошија толку пари на камери ако им поминува кој ќе стигне обвинет за криминал или убиство? И ова ли е толку фалениот Шенген режим на ЕУ што не го почитуваат и тие што го спроведуваат, т.е. граничната полиција на Бугарија?
Од „Платформата 12,05“ исто така побараа власта да одговори дали на средбата меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и на Бугарија, Тимчо Муцунски и Велислава Петрова-Чамова минатата недела во Софија било договорено бегството на Ива Михаилова и дали тоа треба да послужи како иницијална каписла за предвремни парламентарни избори каде техничката влада задолжена за нивното организирање ќе влезе во процес на уставни измени.
„Доколку Владата го демантира претходното, тогаш веднаш да признае и да прогласи целосна институционална неспособност и да побара помош од меѓународни стратешки партнери, додека сè уште не сме го загрозиле безвизниот режим со ЕУ и не сме го вклучиле алармот на НАТО-алијансата заради неодговорно управување со државните граници“, се вели во соопштението од Платформата.
Дополнително, оттаму бараат министрите за внатрешни, за надворешни работи и за правда, Панче Тошковски, Тимчо Муцунски и Јетон Шасивари, веднаш да си поднесат оставки.
Од платформата, чии членови се поранешни и актуелни функционери на СДСМ, ја повикуваат Европската комисија да реагира во врска со случајот и да побара од официјална Софија да престане, како што велат, со провокациите од највисоко политичко државно ниво. Во истиот контекст, ја повикуваат ЕК да побара Ива Михаилова без одложување да биде предадена на македонските правосудни органи.
„Во спротивно заради ваквите настани, понижувања, режирање жртви на непосточека дискриминација врз бугарски државјанин, во Македонија расте внатрешниот притисок за отворање на прашањето за преиспитување на Договорот за добрососедски односи“, порачуваат од Платформата.