Дурмиши мртов, Михаилова дочекана како жртва во Бугарија!


 

Семејството на  33-годишниот Бесим Дурмиши од Љуботен, кој загина во сообраќајната несреќа во која учествуваше Ива Михаилова, не сака да излегува со изјави во јавноста бидејќи случајот премногу се исполитизирал, поради што ќе чекаат судот да ја заврши постапката – пред да кажат што ќе преземат.

Дурмиши бил вработен во голема компанија за монтирање паркети и тоа утро, кога се случила несреќата, бил на пат заедно со тројца колеги во рамките на редовните теренски активности. Дурмиши настрадал од ударот, а возачот пред него завршил со тешки повреди и бил на лекување  во Универзитетската клиника наредните четири месеци. Братот на Дурмиши, кој бил женет и без деца, ангажирал адвокат и ги следи судењата во Кочани потпирајќи се главно на судските вештачења. Семејството е затечено од огромното присуство на бугарски новинари, политичари и други преставници, со оценка дека сепак станува збор за сообраќајна несреќа и ако се потврди дека Михаилова ја предизвикала, треба да си ја преземе одговорноста. 

Следното судење е закажано за 12 ноември во Кочани, но откако Михаилова избега преку границата, прашање е дали ќе биде исто медиумското внимание за случајот во Бугарија.       

Според информациите од полицискиот билтен, несреќата се случила на 7 октомври 2025 година, на експресниот пат Штип – Кочани, во близина на кочанското село Горни Подлог. Дурмиши бил сопатник во возило „рено“ со регистарски ознаки од Македонски Брод, управувано од 32-годишно лице од скопското село Трубарево. Михаилова, која тогаш имала 22 години, управувала возило „фолксваген поло“ со бугарски регистарски ознаки. Во судирот на двете возила биле повредени Михаилова и уште три лица кои се наоѓале во „реното“.

Ива Михаилова е обвинета за „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. Таа ги отфрла обвинувањата и тврди дека не ја предизвикала несреќата, барајќи лекување во Бугарија со образложение дека не можела да го добие потребниот третман во Македонија.

Според сообраќајниот вештак Зоран Јошевски  Михаилова се движела со брзина од 84 километри на час, при ограничување од 60 километри на час, и навлегла околу 70 сантиметри во спротивната сообраќајна лента. Во неа се движело возилото „рено меган сценик“, чиј возач заобиколувал полициски автомобил запрен за проверка на друго возило. Одбраната на Михаилова, пак, тврди дека на местото на несреќата ограничувањето на брзината било 90 километри на час и дека другото возило навлегло во нејзината лента додека заобиколувало запрено полициско возило. Вештакот ги анализирал трагите од судирот, оштетувањата на возилата, нивните конечни позиции и фотодокументацијата од увидот.

Вештакот подоцна посочил дека, по дополнителна анализа на местото на несреќата, од технички аспект се согласува дека треба да се разгледа и можноста ограничувањето да било 90 километри на час, поради спојувањето со друг пат и отсуството на повторно поставен знак за ограничување од 60 километри на час. Одбраната на Михајлова ангажирала свои стручни лица, чии анализи содржеле различни заклучоци за местото на судирот и околностите во кои дошло до несреќата.

Таа поднела и лекарски извештај на кој стои дека била на лекување до крајот на декември 2026 година, иако до тој датум има уште два месеци, а извештајот е од март оваа година. Името на докторот кој го потпишал извештајот е затемнето, но медиумите го препознаа како обвинет во случајот „Метастаза“, поврзан со издавање на лажни лекарски извештаи за инвалидски пензии.  На нејзиниот лекарски извештај стои дијагнозата paraparesis spactica, која се однесува на опаѓање на моториката на долните мускули на нозете, главно наследно, но и како последица од физичка траума, болест која бавно се развива, но штетата е неповратна. Судот во Кочани проценил дека барањето за лечење во странство е неосновано бидејќи немала конзилијарно мислење од клиниката, туку само мислење на еден од лекарите и во него не стоело ниту дека ѝ е неопходна операција во странство, ниту дека е во загрозувачка состојба.  

Ива Михајлова е обвинета за „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. По нејзиното заминување во Бугарија, случајот предизвика дополнителни реакции во двете земји.