Министерството за спорт ја одзема салата „Наум Наумовски Борче“ од Општина Карпош – Стевче не ја дава

Министерството за спорт доставило документ до Општина Карпош дека ѝ се одзема салата „Партизан“ во населбата Карпош 4 и дека тоа ќе управува со неа. Ваквата одлука била донесена на владина седница на 17 јуни во која, како што вели градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, нема никакво објаснување зошто се одзема салата.
„Без никаква прична само од ќеиф ја одземаат, за да ја употребат за нивни бизнис интереси. Ним не им се важни граѓаните, важни им се бизнис интересите на Борко Ристовски. Ние на оваа небулозна одлука најостро ќе се спротивставиме, ќе ги преземе сите правни мерки. Нема да дозволиме така лесно да ја земат салата за која ние сме издвоиле пари за да ја опремиме, бидејќи ни беше предадена без опрема, без приклучок на парно и вода, без вентилација“, рече Јакимовски на денешната прес-конференција.
Советот на Општина Карпош денеска одржа вонредна седница на која беше донесена одлука да не се предава салата на Министерството за спорт односно да остане во владение на Општина Карпош. За оваа одлука гласаа сите советнички групи освен советниците од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ние досега сме вложиле 4 милиони денари за салата. Од оваа сала ние немаме никаков бизнис, туку Општината ги покрива сите трошоци, годишно над 100.000 евра ќе треба да се одвојува за да функционира и тоа Општината ќе го прави“, рече Јакимовски.
Тој ги повика жителите на Карпош вечерва во 19,30 часот да излезат на протест заедно со него пред салата против ваквата одлука на Владата.
Министерството за спорт информира дека спортската сала „Наум Наумовски Борче“ во општина Карпош ќе биде санирана и повторно ставена во функција, откако беше утврдено дека објектот стои затворен речиси една година по неговата реконструкција.
Во реакција на изјавите на градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, министерството нагласува дека државата постапила одговорно и транспарентно, и дека објектот, кој е во државна сопственост, ќе биде ставен на располагање на граѓаните и спортските субјекти. Министерството потсетува дека реконструкцијата е финансирана со државни средства во износ од 1,3 милиони евра.
Се наведува дека сите оштетувања настанати поради неупотребата на салата ќе бидат отстранети, а објектот ќе биде безбеден, опремен и функционален.
Министерството, исто така, поставува прашања до градоначалникот Јакимовски во врска со наводни намери за користење на делови од салата за лични и партиски цели, вклучително и отворање кафетерија и користење деловни простории.
Оттаму апелираат за отчетност и транспарентност, истакнувајќи дека јавниот интерес и интересот на спортистите и граѓаните мора да бидат над политичките и личните агенди.
Претходно, со 14 гласови „за“ и 7 „против“, Советот на Општина Карпош усвои заклучок со кој се спротивставува на одлуката на Владата за одземање на спортската сала „Наум Наумовски Борче“, која претходно беше дадена на трајно користење на Општината.
Градоначалникот Стевчо Јакимовски истакна дека одлуката е донесена без образложение и без консултација со локалната самоуправа, која досега вложила околу 4 милиони денари во објектот. Советот ја оцени одлуката како штетна и побара понатамошна постапка пред надлежните институции.