Министерството за случувањата во Операта: Не поддржуваме ни притисоци, ни улога на суд
„Министерството за култура и туризам нема, ниту може да има улога на суд, обвинител или арбитер кој пресудува врз основа на јавни наративи, синдикални соопштенија или медиумски квалификации. Во културниот систем постојат јасно утврдени институционални хиерархии, менаџерски одговорности и законски процедури, и тие не можат да бидат суспендирани ниту заменети со јавен притисок, без разлика од каде доаѓа“, се вели во одговорот од Министерството за култура на прашањето на „Независен“ за суспензијата на oбоистката од Оркестарот на Националната опера и балет (НОБ) Тања Петрушевска.
Балетот „Госпоѓа Бовари“ во НОБ во сенка на суспензијата на обоистката Тања Петрушевска
„Министерството за култура и туризам нема да дозволи, под никакви околности, преку неаргументирани обвинувања, јавни притисоци или запалива реторика, да се нарушува угледот и кредибилитетот на ниту една културна институција.
Секоја национална установа во културата, вклучително и Македонската опера и балет, има сопствено раководство кое е одговорно за организацијата на работниот процес, за дисциплинските постапки и за почитување на Законот за култура, Колективниот договор и другите релевантни прописи. Министерството ја има надзорната и политичката одговорност да обезбеди системот да функционира законито, но не и да интервенира како инстанца што пресудува поединечни случаи надвор од утврдените процедури.
Во конкретниот случај поврзан со Татјана Петрушевска, станува збор за дисциплинска постапка која е водена од страна на надлежното раководство на институцијата, врз основа на интерни извештаи и правила. Министерството ќе го следи исходот исклучиво од аспект на законитост и процедурална исправност, но нема да прејудицира вина ниту да преземе улога што не му припаѓа.
Во однос на директорот на Националната опера и балет, Оливер Арсовски, Министерството не прифаќа тешки обвинувања како ‘самоволие’, ‘злоупотреба на функцијата’ или ‘институционален скандал’ без факти, документи и докази. Директорот е именуван во согласност со законска постапка и врз основа на професионални критериуми. Одржувањето на работната дисциплина, особено во уметнички колектив како оркестар или ансамбл, е дел од неговата законска и менаџерска одговорност.
Министерството јасно укажува дека не поддржува психолошки притисоци, страв или малтретирање на вработените. Истовремено, укажува дека јавната квалификација на сложени институционални процеси со запалива реторика, без завршени постапки и без утврдени факти, не придонесува за решавање на проблемите, туку ги ескалира, и ја нарушува довербата во институциите.
СКРМ има легитимна, значајна и почитувана улога во заштитата на колективните интереси на вработените во културата. Но Синдикатот не е суд, не е обвинителство и не може да се поставува како единствен арбитер што ја наметнува сопствената интерпретација како апсолутна вистина, игнорирајќи ги официјалните документи, процедурите и одговорностите на менаџментот.
Кога во јавноста се користат формулации како ‘институционален скандал’, ‘притисоци и страв’ и ‘злоупотреба на функцијата’, тие мора да бидат поткрепени со јасни факти и докази. Во спротивно, таквиот пристап не решава проблеми, туку ја оштетува институционалната стабилност и го загрозува угледот на културниот сектор во целина.
Министерството за култура и туризам ќе продолжи да ги штити законитоста, институционалниот поредок и правата на сите вработени, но исклучиво во рамките на своите надлежности. Единствениот одржлив пат напред е почитување на законите, процедурите и институциите“, се вели во одговорот на ресорното министерство.