Министерството подготвува нацрти за нов закон за култура и за нова национална стратегија
Нов закон за култура подготвува Министерството за култура и туризам, а наскоро ќе биде подготвен и нацрт за нова национална стратегија за културата, соопшти вчера министерот Зоран Љутков.
-Вработените во Министерството работат на нацртот на новиот закон кој сега ќе го имаме прво како еден вид контура и реални потреби коишто ќе ги имаат уметниците, а подоцна, се разбира, ќе имаме и поширока дебата. И како што беа опфатени голем број невладини организации, здруженија и поединци во делот на конкурсите, така ќе бидат опфатени во една поширока дебата и за законот, и не само за законот, туку и во изработката на стратегијата за култура, рече Љутков одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција за Конкурсите за поддршка на проекти од национален интерес во културата кои ќе бидат отворени за аплицирање од утре до крајот на октомври.
Посочи дека предлог-законот за култура од минатата влада е повлечен од процедура во Собранието затоа што, подвлече, и самите предлагачи сфатиле дека не е добар.
-Тој Предлог-законот за остварување јавен интерес во културата мислам беше предложен во 2018. Ние имавме големи реакции за текстот и како тогашна опозиција не дадовме поддршка и баравме да се направат големи измени. Подоцна тие самите сфатија дека тој закон не е добар бидејќи имаше реакција и од културните работници, од синдикатите и од опозицијата. Не е заглавен во некои процедури, туку е целосно повлечен од Собранието, колку што имам информација, изјави Љутков.
На прес-конференцијата тој соопшти дека меѓу приоритетите на Министерството за култура и туризам е и изработка на нова Национална стратегија за култура бидејќи важноста на претходната истече во 2022 година.
-Во најкус можен рок ќе предложиме нацрт-текст на овој најважен стратешки документ од областа на културата, кој по консултации со сите засегнати страни, со еден широк консензус планираме да го донесеме во првата половина на 2025 година, соопшти ресорниот министер.