Министерство за култура и премиерот ги поддржаа културните работници
Министерството за култура ги поддржува вработените во културата за остварување на нивните барања.
„Заедно со сите чинители во културата и со претставниците на СКРМ и на СОНК подолго од една година работиме на подготвување на нормативните услови за донесување на модерни законски акти кои во што пократок временски период ќе овозможат остварувања на барањата на синдикалните организации. Предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата е услов за подготовка на Колективниот договор. Предлог-законот е во завршна фаза, и работната група ги внесува забелешките доставени преку ЕНЕР и од страна на надлежните органи, како последна фаза, пред да го предаде текстот во Владата на усвојување“, соопштија од Министерството за култура.
Велат дека предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата и предлог-текстот на Колективниот договор, во Министерството за култура се подготвени уште од минатата година, но се чекаше на усогласување со новите измени на прописите за јавна администрација, кои сега ѝ се достапни на јавноста.
„Со Колективниот договор, заедно со синдикатите ќе се елиминира дисбалансот на платите помеѓу одделни дејности и ќе бидат утврдени објективни коефициенти за висината на платите во културата. Се очекува во наредниот период Колективниот договор да биде ставен на јавна расправа по основните организации на синдикатите во установите од културата, и дека ќе биде применлив од 1.1.2020 година“, стои во соопштението.
Премиерот Зоран Заев веднаш по завршувањето на протестниот марш ги контактирал претставниците на СКРМ. Тој побарал да се сретнат на 24 октомври и да разговараат околу нивните барања.