Министерство за енергетика на САД загрижено поради зголемениот извоз на течен природен гас


Министерството за енергетика на САД е внимателно во однос на проширеното производство и зголемениот извоз на течен природен гас (ТПГ) од земјата,  бидејќи тоа би било неповолно за Американците и штетно за климата, јави синоќа „Фајненшал тајмс“ повикувајќи се на најнов извештај на министерството.

Брзиот развој на индустријата за ТПГ ризикува да доведе до зголемени домашни цени на горивото а тоа е неповолно за американските потрошувачи, но и може да ги зголеми емисиите на стакленички гасови, се наведува во долгоочекуваната студија на министерството која се подготвуваше од јануари, соопштува весникот.

Овие заклучоци можат да отворат врата за правни негативности кои ќе го спречат растот на извозот на ТПГ од САД, и покрај тоа што избраниот претседател Доналд Трамп ја презеде функцијата со ветување дека САД ќе испорачува повеќе гас насекаде низ светот за да постигнат „енергетска доминација“.

-Неограниченото зголемување на извозот, несомнено, ќе донесе повеќе богатство за индустријата за ТПГ. Но, за тоа ќе мора да платат американските потрошувачи и заедници, како и климата, изјави министерката за енергетика Џенифер Гренхолм.

Анализата покажа дека моментално одобрените количини на ТПГ „се повеќе од доволни за задоволување на глобалната побарувачка во следните неколку децении,“ истакна таа.

Во 2023 година, САД ја надминаа Австралија и станаа најголем извозник на ТПГ во светот, испорачувајќи 11,9 милијарди кубни стапки (речиси 340 милиони кубни метри) дневно. Оваа количина е доволна за да ги задоволи комбинираните потреби за гас на Германија и Франција. Истовремено, индустријата имаше амбициозни планови да го удвои извозот до крајот на деценијата.

Но, сегашниот американски претседател Џо Бајден во јануари го паузираше издавањето на нови лиценци за извозни терминали, додека неговата администрација ги оценуваше трошоците и придобивките од бумот на ТПГ, што предизвика негативни реакции од нафтената и гасната индустрија.

Во извештајот на Министерството за енергетика според едно од сценаријата во кое се разгледува „неограничен извоз“, се предвидува дека зголемувањето на испораките на ТПГ може да доведе до раст на големопродажните домашни цени на природниот гас за повеќе од 30% до 2050 година,. Ова ќе резултира во зголемување на годишните сметки за електрична енергија на домаќинствата за повеќе од 122 долари, се вели во извештајот.