Министерот за нетранспарентност, Муцунски, на разговори во Полска
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски од Брисел отпатувал во Полска на покана на полскиот шеф на дипломатијата Радослав Шикорски. Тоа го објави со соопштение кое во континуитет го праќа откако е министер – само ги менува имињата на соговорниците и на државите.
Откако во Брисел имаше бројни средби и никој не знае што навистина зборувал, ги повтори истите фрази – дека во Варшава ќе зборува за евроинтеграцијата и за билатералните односи. Патем истото го јави и од Брисел, а испадна дека таму бил за да бара да ни се одмрзнат фондовите од ИПАРД програмата, што ги блокираше ЕУ поради злоупотребите кај нас. Со ваква нетранспарентност има голема шанса да остане незапаметен, т.е. никој да не се сеќава дека воопшто бил министер на најпрестижната и највидлива функција во државата.
„Од Брисел, денеска продолжувам со работна посета на Варшава, Полска, на покана на мојот колега, заменик-претседател на владата и министер за надворешни работи на Република Полска, Радослав Шикорски. Изразивме задоволство од одличните билатерални односи и искреното пријателство меѓу двете земји. На средбата разговаравме за евроинтегративниот пат на државата, поддршката во овој процес, како и за силното и цврсто партнерство во рамки на НАТО Алијансата.Разговаравме и за можностите за унапредување на билатералните односи, со посебен фокус на економската и трговската соработка“, јави Муцунски од Варшава.