Министерот за добро владеење, не се владее добро: Фетаи уште не е подготвен да зборува на македонски

Одговорите на новинарите заменик-претседателот за добро владеење во Владата на Мицкоски, Арбен Фетаи, утрово ги даваше на албански јазик, иако новинарите го прашуваа на македонски.
Тој денеска присуствуваше на промоцијата на службените воизла кои отсега ќе имаат регистарски таблички во боја, за да се спречи нивната злоупотреба, односно да бидат лесно воочливи доколку се користат во партиски цели. На настанот беа и директорот на БЈБ Александар Јанев и директорот на Служба за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, но ним не им сметаше што нивниот заменик-претседател на Владата, од коалицијата, не одговара на македонски јазик, а нема обезбедено преведувач.
Еден новинар го прекина Фетаи за да му укаже дека колешката го прашала на македонски, па редно е тој да одговори на македонски. Сепак, Фетаи рече дека тој ќе одговара на албански. Прашан дали и другите прашања ќе ги одговара на албански, тој рече: Уште не сум спремен на македонски.
Фетаи е дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со Демократското движење Вреди, односно од партијата Алијанса за Албанците. Роден е во Куманово, но долги години живее во Белгија и има двојно државјанство: македонско и белгиско. Во неговата биографија стои дека, покрај албански, зборува и македонски, француски, англиски и холандски јазик.