Министерот Сулејмани ги посети културните установи во Струга
Министерот за култура и туризам Седат Сулејмани во Струга ги посети Националната установа Музеј „Д-р Никола Незлобински“, Националната установа Центар за култура „Браќа Миладиновци“, како и Спомен-домот на браќата Миладиновци.

Како што соопштија синоќа од Министерството за култура, во разговорите со директорите на установите, министерот се запознал со нивните тековни активности, програмите и плановите, како и со состојбата и потребите за нивното натамошно функционирање. Притоа, непосредно се запознал и со инфраструктурните предизвици со кои се соочуваат установите, за чие надминување, како што додадоа од Министерството, ќе се работи во соработка со нивните раководства.
– Посетата на Спомен-домот на браќата Миладиновци беше можност уште еднаш да се потврди значењето на овој простор како важен дел од културната меморија на Струга и на македонската култура. Министерството останува посветено на зачувувањето и афирмацијата на наследството поврзано со браќата Миладиновци, кои се едни од најзначајните имиња во нашата културна и книжевна историја – посочија од Министерството.

Министерот Сулејмани го посетил и Паркот на поезијата, симболично место кое ја отсликува книжевната традиција на градот, како и „Струшките вечери на поезијата“, една од најзначајните меѓународни поетски манифестации во земјата и културен настан со долгогодишно меѓународно реноме.
– Струга има културно наследство и традиција кои се препознатливи и надвор од нашите граници. „Струшките вечери на поезијата“ се еден од најсилните симболи на таа традиција и наша обврска е да создаваме услови оваа манифестација и културниот живот на градот да продолжат да се развиваат и да ја збогатуваат Струга како град на поезијата – истакнал министерот Сулејмани.
Министерството за култура и туризам, како што соопштија вечерва, продолжува со поддршка на културните установи во Струга и со создавање услови за непречено реализирање на нивните програмски активности.
Од Министерството појаснија дека посетата на Струга е дел од работната агенда на министерот за култура и туризам, насочена кон непосредно запознавање со работата, предизвиците и потребите на културните институции низ земјата, со цел заеднички да се креираат решенија за нивно унапредување.