Министерот Муртезани во Виена разговараше за европската интеграција
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска во Виена оствари средба со сојузната министерка за ЕУ и устав на Австрија, Каролине Едштадлер, на која се дискутираше за зајакнување на билатералните односи и унапредување на процесот на европска интеграција на Северна Македонија, со посебен акцент на политиката на проширување на ЕУ и неодамна воведениот План за раст за Западен Балкан.
Клучна тема на дискусија беше Нацрт-агендата за реформи 2024-2027, која министерот Муртезани ја претстави како сеопфатен и кохезивен пакет на мерки дизајниран за забрзување на економската конвергенција на Северна Македонија со Европската унија. Агендата за реформи опфаќа серија на квантитативни и квалитативни иницијативи со цел намалување на економските разлики, зголемување на конкурентноста и обезбедување на исполнување на строгите стандарди на ЕУ.
На состанокот беа реафирмирани цврстите пријателски односи помеѓу Австрија и Северна Македонија. Министерот Муртезани изрази благодарност за континуираната принципиелна и гласна поддршка на Австрија за европскиот пат на земјата, како и за нејзината активна улога во промовирањето на политиката на проширување во рамките на ЕУ.
Министерката Едштадлер ја потврди посветеноста на Австрија за поддршка на Северна Македонија на нејзиниот пат кон членството во ЕУ, потенцирајќи го стратешкото значење на Западен Балкан за европската стабилност и безбедност.