Љутков објави дека Гевгелија е Град на културата за 2025 година


Гевгелија е Град на културата во државата за 2025 година, објави денеска министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на прес конференција што се одржа во овој град.

Според министерот, ова признание не е само чест, туку и обврска и притоа истакна дека Гевгелија по втор пат е град на културата по 2011 година.

– Тоа е потврда дека Гевгелија со својата богатa културна традиција повторно ќе биде во центарот на културните настани во Македонија. Министерството за култура и туризам стои зад вас и ја поддржува оваа манифестација со 3 милиони денари, со цел да создадеме програма која ќе го освежи културниот живот во овој град, рече Љутков.

Додаде дека Гевгелија со својата локација и природни убавини привлекува бројни туристи, а сега, со статусот на Град на културата, ќе понуди нови искуства и можности за уживање.

– Време е да создадеме средина во која културата не само што ќе се слави, туку и ќе се живее, каде што уметноста ќе биде интегрална компонента на нашиот секојдневен живот. Со манифестацијата Град на културата, имаме уникатна можност да ги инспирираме младите, да ги охрабриме уметниците и да го промовираме нашето културно наследство, посочи министерот Љутков.

Според градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов, ова признание е мотив повеќе да се привлечат поголем број туристи, но и да биде дополнителен импулс за развој на економијата и малите бизниси, посебно тие кои ги водат млади луѓе.

На денешната прес конференција беше објавбено дека во рамки на манфестацијата „Гевгелија град на културата“ ќе се реализираат 142 проекти, а нивната реализација е помогната и со 16 милиони денари од општинската каса.

Министерот Љутков и градоначалникот Сарамандов денеска ја посетија и Старата чаршија за чија реставрација Владата инвестираше над 40 милиони денари, а Гевгелија доби нова визуелна и фукционална димензија.