Националниот џез оркестар ќе го отвори 30. џез-фестивал во Сараево
Националниот џез оркестар денеска во Народниот театар во Сараево ќе одржи концерт „Macedonian Dreams“, под диригентство на Владимир Николов, со кој ќе го отвори 30. издание на џез-фестивалот Jazz Fest Sarajevo.
Програмата „Macedonian Dreams“, која беше претставена и пред публиката во Будимпешта, Прага, Виена и Брисел, е уникатен музички спој на традиционалната македонска музика, народните мелодии и ритми, авторските композиции и современиот џез-израз.
-Преку комплексни и современи аранжмани, македонското музичко наследство добива нова оркестарска димензија, создавајќи автентично концертно доживување. Настапот на Националниот џез оркестар на отворањето на јубилејното 30. издание на Jazz Fest Sarajevo претставува уште едно значајно меѓународно признание за квалитетот, континуитетот и уметничката визија на оркестарот, соопшти Националниот џез оркестар.