Жарко Башески стана дописен член на МАНУ: Пригодна реч на академик Влада Урошевиќ


Истакнатиот македонски скулптор, проф.д-р Жарко Башески (1957, Прилеп), сега во пензија, е избран за дописен член во работниот состав на МАНУ на 21. Изборно собрание на Академијата за избор на членови на МАНУ во работниот состав (редовни и дописни), на членови надвор од работниот состав и на почесни членови, одржано на 7 ноември 2025 година.

Како новоизбран дописен член на највисоката научна институција кај нас, Башески, синоќа, пред полна сала во МАНУ , во присуство на уважени гости од сферата на културата, одржа пристапна изложба. 

Еве што рече во пригодната реч, академик Влада Урошевиќ: 

„По изборното собрание одржано во ноември минатата година, Одделението за уметност на МАНУ се збогати со повеќе нови членови од разни области на уметничката дејност. Еден од нив е и нашиот реномиран ликовен уметник Жарко Башески, чија што пристапна изложба  е вечерва пред нас.

Прва енциклопедиска одредница од областа на ликовната уметност која му   се нуди на  гледачот при средбата со овие склуптури е:  хипереализам. Но со тоа ни оддалеку не се исцрпуваат можните обележја  на овие дела:  тое што Башески се служи со ликовните изразни средства  поврзани  со стремежот колку што е можно поверно да се претстави реалноста на нештата е само надворешна обвивка на содржините што се кријат под оваа максимално вешто изведена постапка ставена во служба на мимезисот. Кога ќе  се гледаат  со повнимателно око овие скулптури, станува јасно дека постигањето сличност со моделоте само  воведен дел од една намера која  под тој надворешен слој носи многу посложени  интенции.  Тие човечки тела чија што епидерма   предизвикува   почит кон  вештината на авторот  во подражавањето на природата секогаш сакаат да ни соопштат  некои подлабоки вистини.

Степенот на привидната блискост со надворешниот изглед  на човечкото тело постигнат е, во делата  на Башески, со употреба на материјали што   се нетипични  за класичната скулптура: овој уметник  се служи со некои средства   што го ставил во  рацете  на уметникот технолошкиот напредок:  силикони, полиестери, епоксиди.  Несомнено, тие ја немаат благородноста на каменот, на дрвото или на  бронзата, но затоа, пак,  имаат некои одлики  што  првобитните материјали  не ги поседуваат – мекоста  и еластичноста  кои  ја сугерираат  очигледната сличност со човечката кожа.

Но резултатот на употребата на овие нови  материјали  не води, кај овој уметник, кон  целта  што ја имале пред себе некогашните скулптори – славењето на  хармоничноста и убавината на човековото тело. Напротив:  тие му помагаат на авторот на овие скулптури  да дојде  до својата  согледба  на вистинската   човекова  природа. А  основата одлика на таа претстава најадекватно ја  изразува еден збор:  дезилузионизам. Место идеалната форма на човекот како  најсовршен производ    до кој стасала   биолошката еволуција, пред нас,  во скулптурите на Башески, се појавува едно суштество кое е  полно со слабости, кое  не  успева да ги скрие  своите мани,  и кое е далеку од идеалните пропорции што  некогашните уметници   му ги припишале на човечкото тело.  Тоа тело, говорат скулптурите на Жарко Башески, е кревко, ранливо и незаштитено  пред  надворешните закани. И не е така  исполнето со непогрешливи соодноси, какви што му ги припишувале дамнешните естетски канони.Тоа тело е подложно на старост, на болест, на повреди и на деформирање. Но и без  негативното влијание на надворешните фактори, телото, во овие дела, секогаш како да   содржи една внатрешна предопределеност што го осудува  на нетрајност  и која  како да  ги навестувнеговите идни  тегоби. Со нескриена  ироничност, која понекогаш оди и до  карикатуралност,  овој  уметник ги потенцира  неговите несовршености, ги подложува  на  една безмилосна  вивисекција неговите слаби точки  и ни ги открива неговите отстапувања од идеалот во сета нивна сурова вистинитост.

Далеку сме од некогашната убавина,  кажува, низ секое свое дело, овој скулптор.Времето на славењето на човековата божествена природа е изминато, неговото тело многу повеќе заслужува  сожалување отколку  восхит. Пред  овие скулптури, кои се разголени и во вистинска и во метафорична смисла, ни паѓаат на ум песните на Бодлер и на Рембо, во кои  овие поети од деветнаесеттиот век,  го насетиле она што подоцна, во дваесеттиот век, ќе биде наречено „естетика на грдото“. А овој оксиморон ја отвора, всушност, вратата  низ која  приврзаниците на модерните уметнички движења на новото време ќе појдат кон барања  што ќе се простираат и отаде  дотогаш важечките норми што пропишувале  до каде можат да  се протегаат границите на  уметничката љубопитност. Како далечен наследник и продолжувач на тие тенденции, Жарко Башески   открива во своите дела цел еден   домен на истражувања, кои  се насочени кон  надминување на  дамнешните сфаќања на убавината,  откривајќи  пред нас  недоволно истражени патишта што ја збогатуваат со нови искуства нашата чувствителност.

Но, би го стесниле дијапазонот на длабинската содржина  која ја носи во својата јатка уметноста на Башески, кога би ги ограничиле   сознанијата на авторот на овие дела само на телото. Во едно неодамнешно интервју што со уметникот го направи Лејла Сабит за „Независен“,  Башески изјавува дека неговата цел, при создавањето е „ да се  прикаже духовното пред материјалното“. Затоа, деградацијата на телото,  во скулптурите на Башески, треба да ја сфатиме како резултат на  човековиот упадок воопшто – телото е тука само  одраз на она што се случува со човековиот дух. Авторот на овие дела  сака да  ни сугерира, низ нив,  дека, загрозен од  крајните резултати на технолошкиот и научниот прогрес, човекот   ја губи битката со плодовите на својот дух и станува сѐ повеќе зависник од цивилизацијата што ја создал. Неговото тело   ја губи аурата на возвишеност затоа што првобитната енергија на неговиот дух постепено и незапирливо  опаѓа.

Тоа е пораката која ја носат овие скулптури во себе. Стоиме пред нив како пред болниот  за кој е искажана  загрижувачка дијагноза.  Уметноста на Жарко Башески е уметност на предупредување“.